Концерт за виолончело и пијано со реномираните уметници Драган Ѓорѓевиќ Сузуки и Дино Имери

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“  продолжува вечерва со концерт на извонредниот српски виолончелист  Драган Ѓорѓевиќ Сузуки и еден од најдобрите пијанисти во Македонија, Дино Имери што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот.

Професионалната критика го оценува Драган Ѓорѓевиќ како една од најоригиналните уметнички личности на неговата генерација. Именуван како еден вид српски амбасадор на виолончелото, Драган е основач на ансамблот „Вива Чело“ и на фестивалот „Раванелиус“, ко-основач e на квартетот „Рубикон“ и уметнички раководител на „Чело фест“ во Белград.

Роден во Србија, на шест годишна возраст започнува да изучува музика и виолина по методата Сузуки во Специјализираното музичко училиште за талентирани деца во неговиот роден град Ќуприја, а по само две години го менува инструментот и започнува да учи виолончело со проф. Реља Ќетковиќ. По студиите на ФМУ во Белград, го продолжува образованието на „Гилхол“ школата за музика во Лондон во класата на проф. Стефан Попов, а потоа и на Високата школа за музика во Есен (Германија) кај виолончелистот Јонг Чанг Чо од Кореја.

Лауреат и добитник на награди е на натпреварите за виолончелисти „Антонио Јанигро“, натпреварот на Музичка младина во Белград, како и на натпреварот „Орфеус“ и во Макрнеукирхен.

Посветен на педагошката кариера,  Драган е редовен професор на ФМУ во Белград, а одржува мајсторски курсеви во Кина, Шведска, Бугарија, Романија, Словенија и другите балкански  држави. Свири на инструмент изработен од Џејмс и Хенри Бенкс во 1797 година.

Дино Имери (1990) или “волшебникот на пијаното” (француски OPS Magazine) е еден од најреномираните македонски пијанисти и професори. Со огромен успех настапува на престижни сцени низ светот, а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна публиката и критиката.

Прогласен е за Најдобар уметник на УКИМ (признание кое се добива еднаш во кариерата) и рангиран е во десетте најдобри европски пијанисти. Лондон, Рим, Кан, Стразбург, Бари, Љубљана, Загреб, Белград, Софија се само дел од градовите вклучени во богатата концертна агенда каде Имери го прикажал својот “рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника, инструментална култура и неверојатна слобода со еден неверојатен интерпретациски квалитет” (Е. Дочева, Kultura.bg), а соработува редовно со еминентни оркестри, диригенти, инструменталисти, пејачи, мултимедијални артисти и други. Со преку петнаесет години блескава концертна дејност позади себе, Дино Имери го пренесува своето знаење и искуство на младите како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност – Скопје при УКИМ. Членува во бројни стручни меѓународни комисии и жирија, а за својата хуманитарна дејност се здобил со признанието “Св. Мајка Тереза”. “Името на Дино Имери е запишано со златни букви” (В. Костоска Пенева, музиколог) во современата македонска и светска пијанистичка историја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни