Концерт за четирирачно пијано со виртуозните пијанистки Ѓошевска и Смилевска

Марија Ѓошевска една од најпознатите македонски пијанисти вчеравечер на „Охридско лето“  уште еднаш ја оправда критиката напишана за неа дека е уметник во врвни професионални  карактеристики, презентирајќи ги на четирирачното пијано високите изведувачки стандарди заедно со нејзината колешка Славица Мицовска-Смилевска.

Двете виртуозни уметници  доловија железен репертоар во областа на класичната музика. Првиот дел од концертот беше посветен на  Пер Гинт свитата од норвешкиот композитор Едвард Григ која претставува сценска музика на драмски текстови  од познатиот норвешки драматург Хенрих Ибзен. Музиката во себе обедини различни приказни од светот што го инспирирале авторот да ги напише. Во вториот дел од концертот беше изведена Моцартовата Соната за четирирачно пијано, а крајот на прекрасната вечер беше резервиран за две свити од францускиот композитор Морис Равел,  Мојата мајка гуска и Шпанска рапсодија.

 -Со професорката Славица Мицовска соработуваме уште од средношколските денови бидејќи сме иста генерација. Понатаму, во текот на студиите малку се разделивме бидејќи  јас студирав во Скопје, во класата на професорот Борис Романов, а таа во Софија, во класата на професорката Жени Захариева, но по студиите повторно се споивме. Исто така, нè спојува и грижата за едно златно момче, Гоце Златев“, кој е иднината на македонскиот пијанизам и кој во моментов нижи светски успеси. Професорката Славица е негов матичен професор, а јас сум нивната поддршка како ментор. Тој матурира годинава во Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ и продолжува со своите студии настрана. Затоа со професорката Славица одлучивме, неговите успеси и заедничката соработка да ги прославиме со концертот на најубавиот и најпознатиот фестивал„Охридско лето“, вели пијанистката Ѓошевска. 

Двете извонредни пијанистки кои со прекрасната мелодика  ги растреперија  срцата на присутните во црквата „Света Софија“  се добитнички на бројни награди и признанија  во земјава и надвор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни