Стрип Трип го најавува концерт со цртање во живо на кој ќе настапи стрип-авторот Рајнхард Клајст! Со музичка поддршка од триото Стојановски-Печеновиќ-Џорлев, Клајст ќе понуди своја интерпретација на класици од Берлинската трилогија на Дејвид Боуви како и дел од хитовите на Ник Кејв и Џони Кеш. Концертот ќе се одржи на 6 јуни со почеток од 20ч во Кино Фросина, МКЦ.
Клајст за прв пат бил сведок на концерт со цртање во живо при негов престој во Франција каде ваквиот вид на настани се многу популарни, често комбинирајќи познати стрип-автори и музички групи од различни позадини. Клајст бил особено импресиониран од тоа што публиката подеднакво ги ценела потезите на илустраторите како и изведбата на музичарите. За многу луѓе е посебен чин да бидат сведоци на цртеж што се создава пред нивните очи како директен резултат на интеракцијата меѓу уметникот и музичарите.
Клајст зад себе има ваков вид на настапи во повеќе земји ширум светот, меѓу кои Франција, Англија, Виетнам, Шри Ланка, Бали, Лаос, Египет, Словачка, Украина, Ирак и САД. Има соработувано со музичари со широк спектар на музички стилови, вклучително и Берлинската филхармонија под диригентската палка на Кирил Петренко. Дополнително, има илустрирано читања на дела од Реј Бредбери.
Настапот на Клајст ќе биде во придружба на триото Виктор Стојановски, Марко Печеновиќ и Мартин Џорлев, сегашни и поранешни членови и/или зачетници на Lufthansa, Xarakiri, ATA, Иш и Јас, Rust Cohle, Zulu 3.4, Стој, После!, (точка) ком и други. Заедно со Клајст, ќе им дадат нова рамка и нов дух на безвременските теми на Боуви, Кејв и Кеш, истражувајќи ги духовниот и физичкиот разврат по трагите на овие рокенрол легенди, со добар стрип како гориво.
По завршувањето на концертот, ќе се одржи аукција на делата создадени од Клајст во текот на вечерта. Сите средства собрани од аукција на делат ќе бидат донирани за повредените од трагедијата во Кочани.
Гостувањето на Клајст е остварено со поддршка на Гете Институтот во Скопје.