Концерт на виолинистот Роман Симовиќ во „Св. Софија“

Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот концерт ќе одржи виолинистот Роман Симовиќ од Црна Гора. На програмата се Шест сонати за соло виолина оп. 27 од Е. Исаи (1858-1931).

Роман Симовиќ има брилијантна кариера. Настапувал во „Карнеги Хол“, големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“, салата „Марински“ во Санкт Петерсбург, Операта во Тел Авив, салата „Викторија“ во Женева и многу други. Добитник на престижни награди. Како солист настапува со водечки оркестри во светот.

Тој е визитинг професор на Кралската академија во Лондон и има огромно искуство како педагог. Често е раководител на мајсторски курсеви во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Италија, Шведска, Швајцарија.

Има издадено бројни цедеа, но се издвојуваат четири на кои тој е уметнички раководител на гудачите на Лондонскиот симфониски оркестар снимени за ЛСО-лајв, како и неговото цеде со Виолинските каприси од Паганини за соло виолина. Симовиќ е концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар од 2010 година. Свири на виолина изработена од Антонио Страдивари во 1709 година која му е позајмена од филантропот и колекционер на инструменти Џонатан Моулдс.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни