Концерт на Оркестарот на музичката младина на Македонија на Денови на македонската музика

Оркестарот на Музичката младина на Македонија е врвен младински ансамбл со повеќедецениска традиција и значајно место на македонската и меѓународната музичка сцена

Во понеделник во 20 часот во Камерната сала на Филхармонија ќе се одржи концерт на Оркестарот на музичката младина на Македонија

Под диригентската палка на Ангел Спироски ќе настапат Мила Јаневска – сопран, Хелена Суша – сопран и Калина Христовска – перкусии.

Оркестарот на Музичката младина на Македонија е врвен младински ансамбл со повеќедецениска традиција и значајно место на македонската и меѓународната музичка сцена. Основан во 1986 година како составен дел од Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија, тој е единствениот ансамбл од ваков вид во југоисточна Европа.

Во оркестарот членуваат студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје, но неговиот интернационален карактер се огледува и во учеството на млади музичари од различни земји. Со своите интерпретации и високо професионален пристап, овој ансамбл се наметна како значаен изведувачки колектив, освојувајќи го признанието на публиката и музичката критика.

Од самото формирање во 1986 година и првиот концерт, одржан под раководство на основачот и долгогодишен уметнички раководител на ансамблот, Фимчо Муратовски, концертите на Камерниот оркестар стануваат нераскинлив дел македонската музичка сцена, привлекувајќи широка публика и критичка пофалба. Низ годините, уметничкото раководство на оркестарот било доверено на истакнати македонски диригенти како Фимчо Муратовски, Горјан Коруновски, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Мирослав Спасов, Борјан Цанев, Бисера Чадловска, Олег Кондратенко, Елена Митревска. Неговиот репертоар и уметнички развој биле збогатени и со соработки со реномирани меѓународни диригенти, меѓу кои Арилд Ремерајт, Миша Кац и Џанлука Мартиненги.

Со повеќе од 100 концерти во своето портфолио, оркестарот изведува дела од различни епохи и стилови, комбинирајќи класичен и современ репертоар. Неговите настапи се одликуваат со висока техничка изведба, динамичка префинетост и емотивна експресивност, што резултира со силен музички впечаток. Признанијата и наградите што ги има освоено се потврда за неговата уметничка релевантност и континуираниот придонес во формирањето на идните генерации музичари, како и за неговата улога како амбасадор на македонската музичка култура на меѓународната сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни