Концерт на Крсте Роџевски & Томика Рид

Концертот на Крсте Роџевски и Томика Рид ќе се одржи на 13 септември со почеток во 20:30 часот, во Македонската Филхармонија, нудејќи незаборавно музичко искуство за сите љубители на џез и експериментална музика.

Музичката соработка меѓу Крсте Роџевски и Томика Рид започна пред десетина години, кога Рид свиреше виолончело на „Bitter Almonds“, вториот студиски албум на Роџевски. Подоцна, таа учествуваше и на синглот „Горно Дупени“, како и на новиот аранжман на традиционалната песна „Ој љубов“, кој Роџевски го напиша за саундтракот на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски.

За време на пандемијата, Роџевски го сними албумот Fair Weather Friends, љубовно писмо до Чикаго, со елитата на чикашката џез и експериментална сцена, во кој повторно учествуваше Томика, како дел од музичката екипа. Интересен факт: за време на Ковид пандемијата, Крсте и Томика живееа извесен период во истото маало во Чикаго – Вест Луп, кадешто го продлабочија своето пријателство, инсајд хуморот и размената на идеи и концепти. Тоа се одразува во разиграноста и детската спонтаност во нивните изведби, каде големите идеи се претставени на соголен и едноставен начин.

Ова е вторпат Крсте и Томика да настапат на иста сцена во Македонија. Првиот концерт беше на OFFest 2019, кога во живо изведоа композиции од првите три албуми на Роџевски, заедно со Мери Халворсон, Тома Фуџивара, Мајкл Бланко и Кирк Кнафке.

За уметниците:
Крсте Роџевски живее и работи во Њујорк од крајот на 90-тите. Има зад себе седум студиски албуми за издавачки куќи во САД и Грција, со соработка со врвни музичари од даунтаун сцената на Њујорк и Чикаго, како Крис Дејвис, Адам Рудолф, Ингрид Лауброк, Мери Халворсон, Бил Ласвел, Џеф Паркер, Никол Мичел, Крис Спид и други.

Томика Рид е добитничка на грантот за генијалци на Фондацијата МекАртур. Таа е дел од AACM, Art Ensemble of Chicago, Artifacts Trio (со Никол Мичел и Мајк Рид), триото со Крег Тејборн и Чес Смит, својот квартет со Мери Халворсон, Тома Фуџивара и Џејсон Робке и многу други. Била професор на престижниот Милс Колеџ и основач на Chicago Jazz String Summit, кој го предводи од 2014 година.

Публиката ќе има ретка можност да ужива во македонските композиции на Роџевски, претежно од неговиот култен првенец Батанија и од најновиот албум Крстена вода. Настапот ќе го збогатат специјалните гостинки Вера Милошевска-Јосифовска и Дина Јашари.

Билети: Достапни исклучиво онлајн
👉 ВЛЕЗНИЦИ

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни