Ponder организира концерт на музичките групи Funk Shui од Скопје и From Another Mother од Загреб, Хрватска на 21 октомври во клуб Јагода во Битола. Ponder е независна битолска културна иницијатива која има за цел промовирање на независната култура и живата уметност кај младите.
Тие најавуваат раздрмување на сцената во Клуб Јагода и веруваат дека претстојниот концерт ќе биде претендент за концерт на годината!
Настанот започнува во 20:00 ч, а за почетно загревање пред бендовите ќе се погрижи Bad
Juju.
Цената на картите почнува од 300 денари (првите 100 билети), потоа ќе биде 400, а на
врата влезот ќе чини 500 денари.
Funk Shui е еклектичен колектив од Македонија, воден од ненаситна љубопитност да
истражува нови патишта на музичко изразување. Од нивниот деби албум „Етер“ во 2012
година, Funk Shui постојано се развива, усовршувајќи ја својата визија и звук. Бендот не
може лесно да се категоризира, но најдобро е разбран како извонредно искуство кое
опфаќа низа на емоции, стилови и влијанија.
Во 2023, после низа награди и настапи низ Велика Британија, Полска, Австрија,
Германија, Холандија и Балканот, го издаваат својот трет долгочекуван албум „Никогаш
пак“, кој ги содржи сите добропознати претходни хитови, како „Метеори“, „Ветер“, „Не
време“, „Крик“ и многу други.
После двата последователно распродадени концерти во Скопје, после долго време
повторно ни доаѓаат во Битола, овој пат во Клуб Јагода. Концерт за непропуштање!
Прог рок, панк фјужн, пост хардкор, наречи го како сакаш. From Another Mother се Владо
и Борна и некој трет во улога на тапанар кој се менува по потреба. Ова загребачко трио
пршти од енергија и создава тотално лудило на нивните концерти, бришејќи ја границата
меѓу публиката и бендот, како и границата меѓу свирењето инструменти и неколку
олимписки дисциплини како ритмичка гимнастика и трчање 200 метри со пречки.
Досега имаат издадено ЕР и два албуми, Bratebra, Epileptir i ATATOA, кои се во живо
отсвирени во над 20 европски држави на неброени фестивали и клубови.
На концертот ќе го промовираат нивното ново издание, ЕР-то од 4 песни насловено Zest,
кое има малку побрзи аранжмани, без компромис, директно и сирово во главата.
My me е сингл од ова EP кое излезе заедно со спот пред само неколку дена.