Концертот е дел од меѓународната студентска програма за оркестарска музика и студиско снимање, која се реализира во рамки на европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејмс“– единствена ваква иницијатива во Југоисточна Европа.

-Публиката ќе има можност да ужива во репертоар кој ги обединува Вивалди, Делабако, Пучини и Рихтер, различни музички епохи – од барокот и романтизмот, па сè до современи композиции со силна општествена порака и со посебен акцент на композицијата „Рекомпонираните Четири годишни времиња“ на Макс Рихтер, која претставува модерна реинтерпретација на делото на Вивалди инспирирана од климатските промени. Отворениот амбиент во Сули ан ќе овозможи интимна и несекојдневна атмосфера, совршена за љубителите на класичната музика, се наведува во најавата за настанот.
Виолинистот Емилио Перцан настапувал како солист и концертмастер со различни европски оркестри од 2006 година, настапувал на сцени како Театро Колон во Буенос Аирес, Берлинската филхармонија и Концертгебау во Амстердам. Овојпат ќе се појави во двојна улога – како солист и диригент.
Перцан студирал на Фолквангскиот универзитетот за уметности во Есен, каде што изучувал виолина со проф. Питер Даниел, камерна музика со проф. Дирк Момерц и барокна виолина со Стефан Шардт.

-Покрај својата изведувачка дејност, тој е и страстен педагог. Во 2012 бил назначен за гостин-професор по виолина и камерна музика на Државниот универзитет за уметност и култура во Москва, а од март 2015 предава виолина на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац. Во 2020 бил назначен и на музичката академија „Калаидос“ во Цирих. Емилио Перцан е уметнички директор на Меѓународната летна школа за музички мастер курсеви во соработка со Jeunesses Musicales/Музичка младина од 2013 година, се соопштува за вечерашниот концерт.
„Фејмс“ – Европскиот оркестарски изведувачки институт е основан во 2022 година. Кофинансирана од проектот FAME’S, Европската Унија (Креативна Европа) и Министерството за култура на РСМ, програмата е дизајнирана да ги подобри уметничките и индивидуалните вештини на младите талентирани класични музичари од Европа со отворање нови иновативни перспективи во обуката, професионализацијата и можностите за изведба, преку иновативна оркестарска музичка програма.
Програмата става акцент на разновиден музички репертоар, овозможувајќи им на студентите да истражуваат широк спектар на жанрови: класична, филмска, џез, модерна, современа и музика од видеоигри.