Утре, на 14 септември, на сцената на Македонската филхармонија, хрватскиот музичар Дарко Рундек ќе одржи концерт заедно со Биг бендот на Здружението на џез музичарите. Настапот на некогашниот фронтмен на групата „Хаустор“ е по повод 25-ти роденден на „Екотип“. Рундек не е непознат за македонската публика, која секогаш се радува на неговите настапи.
Дипломирал режија на Академијата за драмска уметност во Загреб. Режирал неколку претстави, радиоемисии и радиодокументарни филмови. Во 1991 година се преселил во Париз. Бендовите со кои настапува по доаѓањето во Париз се „Rundek Cargo Orchestra“ и „Rundek Cargo Trio“ со кои снимил неколку албуми. Последниот албум бил издаден во 2015 година под името „Мостови“.