Познати музички имиња и програма за сите генерации ќе можат да се проследат на настанот „Со позитивна енергија против врсничкото насилство“ што ќе биде одржан на „Школка“ во Градски парк во Скопје. Настанот е дел од „Крени глас против врсничко насилство“, општествено одговорната кампања што „Макпетрол“ ја реализира со цел да се зголеми јавната свест за проблемот со булингот.
Присутните ќе имаат можност да уживаат во настапите на Боно, Пајак и Лара, Петко, Сашко Коцев, како и децата од актерската школа на Весна Петрушевска. Собирот ќе вклучува и многу други забавни активности за најмладите.
Во рамки на „Крени глас против врсничко насилство“ досега беа организрани низа активности, меѓу кои и голем број едукативни работилници во повеќето од 26 општини што се приклучија на кампањата.
Интернет-страницата kreniglas.mk е носечки сегмент на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“. Оваа платформа има за цел да пренесе знаења на сите што можат да придонесат во изнаоѓањето пристапи и решенија на проблемот со булингот, а тоа се децата, родителите и наставниците. Освен тоа, жртвите, но и сите кои на каков било начин се соочиле со врсничко насилство, можат анонимно да ја споделат личната приказна. Или, пак, преку интерактивен квиз да откријат какви познавања имаат на темата.