Концерт на Taxi Consilium и Galactic Effendi во КОТУР

Два состави од современата македонска авангардна сцена ќе настапат во сабота, 17 јануари, во КОТУР, со концерт што спојува џез, импровизација и експериментален звук.

Во сабота, 17 јануари 2026 година, со почеток во 21:30 часот, во просторот КОТУР ќе се одржи концерт на составите Taxi Consilium и Galactic Effendi. Влезниците ќе чинат 300 денари, а билетите се во строго ограничен број и ќе бидат достапни од вторник во КОТУР.

Taxi Consilium се претставува како духовно и музичко здружување на четворица истакнати музичари од македонската џез и алтернативна сцена, активни и во бројни други проекти и формации. Нивниот звук се движи меѓу слободната импровизација, џез-експресијата и експерименталните музички форми, со силна симболика инспирирана од урбаните ноќни пејзажи и фигурата на таксистот како хроничар на градската бессоница. Составот го сочинуваат Благојче Томевски на бас и Bb кларинет, Филип Букршлиев на гитара, Андреа Мирческа на контрабас и Драган Теодосиев на тапани.

Во истата вечер ќе настапи и Galactic Effendi – проект произлезен од музичарите поврзани со Taxi Consilium и низа други познати формации од домашната сцена. Galactic Effendi нуди уште порадикален и концептуален пристап, со звук што црпи инспирација од слободниот џез, авангардата и ориенталните скали, комбинирани со сатиричен и апсурден наратив. Бендот настапува во состав: Нинослав Спировски на тенор и сопран саксофон, Филип Букршлиев на гитара, Дориан Јовановиќ на бас и Дарио Циевски на тапани.

Настанот е наменет за публика која е отворена за експеримент, импровизација и поинакви музички искуства, надвор од конвенционалните жанровски рамки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни