Во петок, на 24 октомври 2025 година, во камерната сала на Македонска филхармонија во Скопје ќе се одржи концертот „Подиум на млади“, на кој ќе настапат пијанистот Виктор Рафајловски, виолинистот Леонардо Димоски и пијанистот Шкељзен Бафтијари. Настапот започнува во 20 часот и ветува вечер исполнета со виртуозност и емоција.
Во програмата на Рафајловски се вклучени дела од Франц Лист – „Трансцендентална етида бр. 4 Mazeppa“, Тома Прошев – „Интима“ (варијации за пијано) и Фредерик Шопен – Соната бр. 3, оп. 58. Димоски и Бафтијари ќе ја изведат Сонатата за виолина и пијано бр. 2 на Сергеј Прокофиев, едно од најпознатите дела на модерниот репертоар што ја спојува техничката прецизност со лирската експресија.
Концертот е дел од иницијативата „Подиум на млади“, чија цел е да ги промовира новите генерации музичари и нивната визија за современата уметност. Во интимната атмосфера на камерната сала, публиката ќе може да ја почувствува непосредноста на изведбата и живиот контакт со музиката – просторот каде талентот се открива во својата најчиста форма.