Музичката елита ќе пее во чест на маестро Кире Костов

Со гала концерт под наслов „Летај Галебе“, врвни македонски музичари ќе му оддадат почит на еден од највлијателните композитори и диригенти — човекот кој создаде над 700 песни и остави неизбришлив белег во македонската музика.

Во Националната опера и балет ќе се одржи гала концерт посветен на маестро Кире Костов, под наслов „Летај Галебе“, како омаж на неговото исклучително дело и животна мисија посветена на музиката. Концертот ќе биде во режија на Дејан Пројковски, под диригентската палка на Сашо Татарчевски, а со музичка соработка на Дамир Имери и Владимир Костов. Настапот ќе го придружува голем камерен оркестар, а вечерта ќе ја водат Живкица Каленикова и Огнен Јанески.

На сцената ќе се издигнат најголемите имиња од македонската естрада — Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Ѓоко Таневски, Биба Додева, Елена Ристеска, Лидија Кочовска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов, Ана Петановска, Елена Васова и Sugiya Makonami, а како специјални гости ќе настапат Љупчо и Бобан Мирковски.

„Ова е важен концерт за нашето семејство, бидејќи преку него делото на Кире продолжува да живее,“ изјави Кармен Костова, академски музичар и сопруга на маестро Костов. „Тој беше човек кој живееше за музиката и за луѓето околу себе. Секој што ќе застане на сцената ќе донесе дел од неговата енергија и добрина.“

Во чест на Костов, неодамна беше објавена и монографијата „Летај Галебе“, на авторите Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски, која веќе беше промовирана во Битола и Скопје, со своја посебна радио-промоција на Радио Бубамара.

Организаторите од „Баги Комуникации“ нагласуваат дека „Летај Галебе“ не е само уште еден концерт, туку настан со емоционална и културна длабочина што ја враќа публиката во времето кога песните се создаваа со душа. „Важно е да ги негуваме домашните автори, да ја чуваме музиката што ја обликуваше нашата историја и да ја пренесеме на генерациите што доаѓаат,“ додаваат организаторите.

Маестро Кире Костов останува симбол на македонската музика — композитор, аранжер и диригент кој создаде повеќе од 700 песни што го обликуваа звукот на неколку генерации. Од безвременските хитови „Летај галебе“ и „Кога те нема“, до фестивалските композиции и оркестарски дела, неговиот опус претставува темел на современото македонско музичко наследство. Со спојот на џез, поп и народни елементи, Костов остави духовен и културен печат што продолжува да живее и денес.

Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура, НЛБ Банка, Алкалоид и Триглав, а снимката ќе биде архивирана и емитувана на Македонската телевизија. Влезниците се достапни преку mktickets.mk и во книжарниците на Литература.мк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни