Во Социјален Центар Дуња во Скопје, на 21 март 2026 година со почеток во 20:30 часот ќе се одржи концерт на триото Димитар Додовски / Мартин Георгиевски / Нинослав Спировски.
Настанот ќе понуди отворена звучна сесија базирана на импровизација и моментална интеракција помеѓу музичарите, без однапред зададена форма или композиција.
Димитар Додовски е продуцент и визуелен уметник од Битола. Во текот на својата кариера има издадено повеќе соло албуми и соработувал во проекти како Post Global Trio, Moss Garden, Niskogradba, Dérive Dub и Private Mountain. Неговиот последен албум Mineralmusik ја одбележува дваесетгодишнината од неговото музичко творештво.
Мартин Георгиевски, продуцент од Скопје, создава амбиентална и импровизирана музика од 2009 година под псевдонимот Amplidyne Effect. Проектот зад себе има бројни албумски изданија и настапи на регионални и меѓународни фестивали, меѓу кои Pohoda (Словачка), Desonanz и Live Soundtrack (Белград), ToBe Continued (Италија), PNEM Sound Art Festival (Холандија), како и Скопскиот џез фестивал.
Нинослав Спировски е македонски фри-џез кларинетист и саксофонист и еден од музичарите што го поттикнаа новиот бран на импровизирана музика во земјава. Познат е по работата со Светлост и Светлост + Одрон Ритуал Оркестра, како и по бројни соработки на домашната и регионалната сцена.
Концертот претставува експериментална звучна средба во која музиката се создава во моментот, преку дијалог меѓу инструментите и изведувачите.
Влезот е со препорачана донација за артистите.