„Кон-текстот“ прва дигитална книга

Во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 18:30 ќе се одржи промоција на дигиталната книга „Кон-текстот: дигитални осврти“ уредена од професорката д-р Калина Малеска со текстови на тековни и поранешни студенти од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје.

Книгата содржи 40 текстови, кои се резултат на соработката со  петнаесет тековни и/или дипломирани студентки и студенти од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кои се занимаваат со книжевност и книжевна критика. Сите текстови се посветени на делата од македонската книжевност кои се објавени во првите две децении на дваесет и првиот век, како и пригоден увод со објаснување за мотивите, идејата и процесот на работа на оваа книга.

„Првичната идеја беше да се даде краток опис на сите објавени книги во споменатиот период. Но, по отпочнувањето на истражувањето, стана јасно дека во Македонија се објавени многу повеќе книги отколку што претпоставував, така што еден од заклучоците што произлезе уште на самиот почеток од истражувањето беше сфаќањето дека вака замислена книга би можела да се напише само со многу повеќе време (пред сè, време), автор(к)и и средства отколку што ни беа на располагање. Затоа првичната идеја во текот на работата се смени, па оваа книга дава кус преглед на книгите од неколку писатели и писателки, објавени по 2000 година. Тоа „неколку“ се обидовме да бидат најмногу што можеше да се оствари во оваа временска рамка. Наспроти првичната идеја, голем дел од писателите кои пишуваат во овој период не се застапени. Но, книгата останува отворена за дополнување во периодот од следните пет години и планот е да се додадат прегледи и за други книжевни дела, незастапени во ова прво издание – поетски, прозни и драмски, а издадени во првите дваесет години од овој век. Се надевам дека тој план ќе се оствари, иако тоа зависи од многу фактори. Во книгата се оставени празни страници на неколку места, што симболично претставува покана за сите кои сакаат да сугерираат што може да се додаде или да придонесат со свои текстови. За полесен пристап кон нејзиното потенцијално дополнување, книгата ќе се објави во електронски формат.“ истакнува уредничката проф. д-р Калина Малеска во Воведот на изданието.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни