Преполни контејнери и расфрлано ѓубре околу нив е секојдневна глетка во главниот град, а скопјани со недели сведочат на хаос во подигањето на комуналниот смет.
Додека граѓаните немаат каде да го одлагаат отпадот, надлежните институции тераат со меѓусебни обвинувања кои прејдоа и во кривични пријави.
Општина Аеродром поднесе кривична пријава против Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ за загрозување на животната средина, бидејќи десет дена не се собирал отпадот на повеќе локации во општината.
Потоа, кривична пријава следеше и од Град Скопје – кон раководни лица во истото јавно претпријатие.
Пријавата од општина Аеродром е поднесена врз основ на член 230 став 1 и став 6 од Кривичниот законик. Во неа се наведува дека „на повеќе локации во општина Аеродром комуналниот смет не е собран од и надвор од садовите за смет, со што се загадува животната средина, односно средината во која се движи човекот“.
Пред неколку месеци Општина Аеродром изрече и прекршочна казна од 88 000 евра против Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Скопје, повторно поради несоодветно собирање отпад и негрижа за јавната хигиена.
Кривична пријава поднесе и Град Скопје и тоа против претседателка на Управниот одбор на претпријатието Јулијана Спироска за загрозување на животната средина.
Образложението во пријавата е дека „во периодот од 2022 година до денес, поради активностите на претседателката на Управниот одбор на „Комунална хигиена“, претпријатието во континуитет не ја одржува хигиената на подрачјето на Скопје.
Дел од општините пак, наместо пријави решаваат сами да го собираат ѓубрето и да ја вршат работната задача на „Комунална хигиена“.
Една од нив е општина Центар која со месеци секое утро го собира ѓубрето, расчистува мини диви депонии и ги мие улиците.