Папата Франциско донирал повеќе од 200.000 евра на малолетничкиот затвор Касал дел Мармо, поточно на фабриката за тестенини која се наоѓа во склоп на самиот затвор. Овој гест е последен во низа, а го откри монсињор Бенони Амбарус, на сите познат како дон Бен, помошен бискуп задолжен за затвори и добротворни активности.
„Неколку дена пред смртта, Светиот Отец го посети затворот за да упати уште еднаш силен апел до светот – дека и оние кои живеат зад решетки заслужуваат внимание. Затворениците ги добија неговите последни приходи – 200.000 евра од неговата лична сметка“, изјави Амбарус.
Средствата се насочени кон малолетничкиот затвор поради тешката финансиска состојба во која се наоѓа фабриката за тестенини.
„Му реков дека имаме голема хипотека на таа фабрика, и дека – ако успееме да ја отплатиме – ќе можеме да ја намалиме цената на производите, да ја зголемиме продажбата и да вработиме уште млади момчиња“, додаде Амбарус.
Затворениците во овој гест на папата препознале голема надеж. Според Амбарус, папата им го дал на затворениците сето што му останало на сметка, пренесува Il Messaggero.
„Папата им ги миеше нозете, им ги отвори светите врати и јавно апелираше за ублажување на нивните казни – макар симболично, макар за еден месец. Но, одговор немаше“, раскажа монсињорот Бенони Амбарус.