„Комшилоок“ меѓу џагорот на жителите на Шуто Оризари

Комшилоок е мултимедијален фестивал кој го слави вкрстувањето на уметноста и заедницата, прикажувајќи различни форми на изразување, од визуелни уметности до перформанси во соседството. Преку социјалниот актвизам, фестивалот има за цел да ги вклучи жителите во значаен дијалог, да инспирира колективна акција и да поттикне чувство на единство и зајакнување во локалната заедница

Комшилоок е мултимедијален уметнички проект кој има за цел да ја децентрализира културата во Скопје, правејќи подвизи да ги анимира урбаните решенија низ градот, воедно негувајќи го чувството на заедништво. Тоа е фестивал каде што креативноста се среќава со заедницата – калеидоскоп на музика, танц, театар и уметност.

Овој пат Комшилоок беше во населбата Шуто Оризари, на улицата Волт Дизни. Фестивалот во своето второ издание успеа да ги трансформира неочекувани локации во центри на креативност и инспирацијa. Комшилоок ја однесе уметноста и нејзината убавина во најобичните места, на малата уличка ВолтнДизни во Шуто Оризари меѓу џагорот на нејзините жители.

Ова издание на фестивалот беше прослава на креативноста, изразувањето и единството. Преку темата „Видливост”, инспирирана од бели ракавици носени од култниот лик на Мики Маус (Mickey Mouse), ко-креиран од авторот Волт Дизни (Walt Disney), Комшилоок уште еднаш ја истакна заедницата која заслужува да биде видена и слушната. Мики Маус е антропорфен глушец креиран пред 96 години, кој најчесто носи црвени панталони, големи чевли и бели ракавици. Во анимацијата, односно во анимираните цртани филмови, белите ракавици се користеле за да ги направат движењата на ликовите поизразени и јасни. Овој фестивал го прифаќа овој симболизам – исто како што ракавиците ги оживеале анимираните ликови и се потруди да ја истакне приказната за креативноста на заедница која живее на улицата Волт Дизни.

Меѓу учесниците беше и уметницата Judith Rautenberg која ја истражуваше идејата за исполнување на празните простори со светлина и геометриски форми, притоа потсетувајќи нè на основните човечки искуства со светлина и простор. Интерактивната инсталација се менува во реално време, како што ветерот ја движи маглата, создавајќи моменти на видливост и невидливост – совршено вклопувајќи се во темата на фестивалот. Со светлосната видео проекција која постојано се менува, инсталацијата потсетува на заедничката човечка поврзаност и кревкоста на нашето постоење.

– Поминав две дена тука. И секако поразлично е од останати проекти на јавни места бидејќи навистина работевме во домовите на луѓето. Значи некој живее таму. И тие толку ми веруваа што ми дозволија да влезам во нивниот дом. И бев во можност да го направам перформансот. Исто така, културата тука е поразлична од мојата култура. И затоа секогаш пробувам да имам уметничко дело кое е разбирливо за сите. Навистина бев топло пречекана и стекнав пријателства особено со децата. И бев изненадена, навистина отворени со мене, иако не знаеа што точно ќе правам тука. Но беа навистина отворени, ми пишуваа и зборуваа со мене. Многу луѓе умееа да зборуваат германски, тоа беше многу добро за да можам да комуницирам со нив. Така што беше навистина возбудливо. Јас сметам дека е секогаш до начинот на кој комуницираш со луѓето. Бидејќи дали би сакал ти доколку не ме знаеш јас да влезам во твојот дом и да правам нешто? Ни треба време да размислиме за тоа. И доколку луѓето се отоврени и доколку знаат што се случува, има добри можности да се зближиме, да се запознаеме. Исто така тука има луѓе кои се немаат запознаено со оваа заедница и сега имаат можност да се запознаат. Но секогаш треба да се согласат луѓето тука, бидејќи е нивен дом. Доколку тоа не им се допаѓа, секогаш треба да ја почитуваме одлуката- вели Џудит.

За неа Шуто Оризари има уникатна архитектура и затоа сака да работи тука.

-Исто така сакам да работам со стари згради и имам направено многу проекти и на поразлични места, кои не ја претставуваат наједноставната бела коцка каде што најчесто се презентира уметноста – објаснува таа.

Комшилоок е мултимедијален фестивал кој го слави вкрстувањето на уметноста и заедницата, прикажувајќи различни форми на изразување, од визуелни уметности до перформанси во соседството. Преку социјалниот актвизам, фестивалот има за цел да ги вклучи жителите во значаен дијалог, да инспирира колективна акција и да поттикне чувство на единство и зајакнување во локалната заедница.

Со нетрпение ја очекуваме новата локација на Комшилоок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни