Филијала на најголемата германска осигурителна компанија планира да ги префрли едноставните барања од кол-центарот на вештачка интелигенција, додека компанијата истовремено тестира нови дигитални процеси низ целиот свет.
Филијала на „Алијанц“, најголемата германска осигурителна компанија, планира да замени дел од своите вработени со вештачка интелигенција, пишува весникот „Зидојче Цајтунг“.
Станува збор за „Алијанц Партнерс“, која се занимава со патничко и автомобилско осигурување. Според извештајот, компанијата планира да ги префрли едноставните барања што моментално ги обработуваат вработените во кол-центарот на систем со вештачка интелигенција, пренесува ДПА.
„Алијанц Партнерс“ засега ниту ја потврдила ниту ја негирала оваа информација.
„Сè уште сме во раните фази на тестирање на промените и сè уште не сме виделе каде ќе нè однесе ова“, изјави портпаролката на компанијата, без да образложи.
Во документот се наведува дека планираната автоматизација би можела да влијае на работните места во неколку земји. „Алијанц Партнерс“ моментално вработува 22.600 луѓе, од кои 1.600 во Германија.
Дискусијата за тоа како дигитализацијата и автоматизацијата можат да го променат финансискиот сектор и да ја намалат потребата од човечка работна сила трае со години.
За споредба, групацијата „Алијанц“ со седиште во Минхен вработила околу 9.000 работници во последните десет години, а на крајот на 2024 година имала вкупно 156.626 вработени низ целиот свет.
