Француската агенција Франс прес (Agence France-Presse) и француската компанија Mistral, европската надеж за вештачка интелигенција, потпишаа договор со кој му овозможува на разговорниот бот на стартапот да ги користи вестите на АФП кога одговара на барањата на корисниците.
Овој „повеќегодишен“ договор, чиј износ и времетраење не беа дадени, стапи во сила денеска. Тоа е прв договор од ваков вид за АФП како и за Mistral AI, европски конкурент на американските гиганти во секторот како што е OpenAI (креатор на софтверот за разговор GPT).
Паралелно, технолошкиот гигант Гугл вчера објави дека новинската агенција Асошиејтед прес, ќе обезбедува вести на својата генеративна вештачка интелигенција Gemini. Не е даден датумот на започнување на оваа нова функција, ниту пак вредноста на договорот.
Најголем дел од развојот во моментов се однесува на компанијата OpenAI. Калифорниската компанија потпиша договор со британскиот деловен весник „Фајненшл тајмс“, францускиот дневен весник „Монд“ и германската групација „Спрингер“, која е сопственик на весникот „Билд“.
Според АФП – договорот ќе и обезбеди на агенцијата нов прилив на приходи.
Почнувајќи од денес, вестите на АФП на шест јазици (француски, англиски, шпански, арапски, германски, португалски) ќе може да ги користи разговорниот робот на Мistral „Le Chat“. Функционира како ChatGPT, кој ги популаризираше овие програми меѓу јавноста – корисникот поставува прашање и добива одговор за неколку секунди.
Кога прашањето се однесува на нешто актуелно, „Le Chat“ ќе формулира одговори користејќи ги вестите на агенцијата Франс прес, односно информации што агенцијата ги испраќа во форма на текст до своите претплатници (медиуми, институции, компании).
Пробната фаза првично ќе биде само за дел од корисниците. Компанијата може да ги користи сите текстуални архиви на АФП од 1983 година. За секое барање, програмата ќе ги наведе вестите врз основа на кои го конструирала одговорот. Тоа изнесува вкупно 38 милиони вести, произведени со темпо од 2.300 дневно.