Германската индустриска компанија Симес (Siemens) објави дека планира да отпушти повеќе од 6.000 вработени ширум светот, главно во своето водечко одделение за дигитализација на фабрики, објаснувајќи дека мора да ги прилагоди своите производни капацитети на падот на побарувачката.
„Падот на побарувачката, главно на клучните пазари како што се Кина и Германија, во комбинација со зголемениот притисок од конкуренцијата, во голема мера го намали бројот на нарачки и приходите во секторот за индустриска автоматизација“, се вели во соопштението на оваа германска групација.
Планот за штедење се однесува на два проценти од работната сила на Симес, која вработува 313.000 луѓе ширум светот. И покрај планираните прилагодувања, се очекува дека вкупната работна сила на Симес во Германија ќе остане стабилна благодарение на вработувањата во други сектори на компанијата, се додава во соопштението.
Тоа сепак е нов удар за најголемата европска економија, која веќе две години е во рецесија и претрпе серија најава за социјални планови во индустрискиот сектор.
Огромниот конгломерат со седиште во Минхен, чиј што бизнис се движи од изработка на турбини до производство на медицинска опрема, софтвер и локомотиви, ја заврши својата 2024 финансиска година со рекордно добри резултати, но тие се разликуваа во зависност од видот на бизнисот.
Прогнозата за 2025 година не е оптимистичка, а според изјавите на Симес, се очекува приходите во тој сектор да паднат за дури шест проценти.