Под ведрото небо на платото пред Македонската опера и балет, каде што некаде помеѓу сонот и технологијата се роди неговиот AI Tech Summit, се одржа достоинствена и тивка комеморација за Филип Аврамчев – поранешен директор на Универзална сала, иницијатор на Skopje Light и еден од најинспиративните културни визионери на новото време.
На местото што самиот го сметаше за платформа на иднината, се собраа негови блиски, колеги, соработници и бројни граѓани кои во тишина ја искажуваа својата почит.





Комеморацијата започна со вовед од Ангел Ангеловски, продуцент и пријател од „Трн.мк“, кој со воздржана емоција зборуваше за непоколебливата посветеност на Филип кон новите идеи и младите луѓе.
Потоа говорот го презеде Алек, неговиот братучед, кој ја сподели тишината што останала во фамилијата, но и гордоста што ја чувствуваат од она што Филип им го остави – идеи, вредности, патокази.
Емил Лазаревски, другар и долгогодишен соработник од SkLad, говореше за немирот на Филип како мотор за промени. Јанаки Митровски, адвокат и претседател на Билка, се осврна на вредностите што Филип ги вградил и во културната сцена и во борбата за граѓански права. Моника Зајкова, претседателка на ЛДП, зборуваше со благодарност за неговиот искрен активизам – надвор од партиски линии, но со длабок граѓански импулс. Миро Кацаров, медиумско лице, ја раскажа страната на Филип што ја паметат малкумина. Зборуваше и Бојан Неделковски, другар од детство, кој се наврати на најраните спомени и ги поврза со искрата што Филип ја носеше дури и како дете.
Комеморацијата заврши со топли солзи и силен аплауз – колаж од видеа со некои од најголемите настани организирани или коорганизирани од него: Skopje Light, AI Tech Summit, „Скопје одблизу“, иницијативи за младински културни центри и уште многу други моменти кои го трасираа културниот пулс на новото Скопје.
Филип Аврамчев останува не само во спомените, туку и во луѓето што ги поттикна, проектите што ги започна и градот што го осветли на свој начин – со идеи, со љубов и со светлина.