Европа се подготвува за уште едно долго, жешко лето – и, за жал, и за нова „наезда“ на комарци. Но, тие не се само здодевни инсекти. Одредени видови комарци пренесуваат сериозни вируси како денга, чикунгуња, вирусот Западен Нил и зика. Овие болести, претходно карактеристични за тропските предели, стануваат сè почести и во Европа – главно поради климатските промени и зголемениот обем на патувања.
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), само минатата година биле регистрирани 1.436 случаи на вирусот Западен Нил и 304 локално стекнати инфекции од денга во Европа – повеќе отколку во претходните две години заедно.
Најголемиот кластер на денга е забележан во Италија, со 238 случаи – најголем досега во ЕУ. Оваа година, Франција веќе се соочува со седум активни жаришта на чикунгуња, што, според ECDC, укажува дека сезоната на комарци започнала порано од вообичаено.
Болести што стануваат локални
„Се движиме по експоненцијална крива“, изјави д-р Јан Семенца, епидемиолог од Универзитетот Умео во Шведска. Тој и други научници предупредуваат дека овие болести би можеле наскоро да станат ендемски во Европа.
Студиите покажуваат дека некогаш беа потребни децении за нов вид комарец да предизвика големо жариште. Денес, тој период се скратил на помалку од пет години.
Во 2025 година, глобално се регистрирани повеќе од 3 милиони случаи на денга и 220.000 на чикунгуња, со над 1.400 смртни случаи од денга.
Како се пренесуваат и кои се симптомите?
Денга: Може да се шири и кога нема симптоми. Кај некои лица предизвикува висока температура, главоболка, болки во телото, гадење и осип. Во тежок облик може да биде и смртоносна.
Чикунгуња: Ретко е фатална, но може да предизвика слични симптоми и долготрајна болка во зглобовите што трае со месеци, па дури и со години.
Што може да се преземе?
Според Семенца, целосно уништување на комарците е невозможно, но постојат мерки што можат да го намалат ризикот од зарази:
Поголем надзор во јужните европски земји во текот на летото, особено околу аеродроми и транзитни центри, каде што патници можат несвесно да донесат вируси.
Идентификација и изолација на заразени патници од ендемски региони за да се спречи локално ширење преку убод од комарци.
Примена на технологија и граѓанско учество – Шпанија овозможува граѓаните да испраќаат фотографии на комарци преку мобилна апликација со вградена вештачка интелигенција за идентификација. Оваа мерка открила азиски тигрест комарец во 156 општини од 2023 година наваму.
Лични мерки за заштита
ECDC препорачува: Користење репеленти за инсекти, носење долги ракави и панталони наутро и навечер, кога комарците се најактивни. По враќање од ризични подрачја (како Централна и Јужна Америка или Карибите), придржување кон мерки на претпазливост три недели – за да не станете извор на локално ширење.
Нови закани на хоризонтот
Некогаш искоренетиот преносник на жолта треска повторно се појави на Кипар. Ова, според Семенца, е сериозна закана:
„Загрижени сме дека Европа би можела да биде нападната од овој агресивен вид комарец“, предупредува тој.
Додека климатските промени ги продолжуваат топлите сезони и создаваат идеални услови за овие инсекти, Европа ќе мора да ги преземе лекциите од региони како Африка, Азија и Латинска Америка, каде болестите пренесувани од комарци се реалност со децении.
„Во Европа сè уште е сезонска појава“, вели Семенца. „Но, сезоната се шири – и бројките растат.“