Заштитните креми се ефикасни само ако се нанесуваат во доволна количина и на редовни интервали. Еднократното нанесување не обезбедува целодневна заштита. SPF факторот, како што се SPF 30 или 50, ја продолжува изложеноста пред појавата на изгореници – SPF 30 за 30 пати, а SPF 50 за 50 пати. Сепак, овие ознаки се однесуваат само на заштита од UVB зрачење, додека за UVA зраците – кои предизвикуваат хронични оштетувања и фотостареење – е потребна дополнителна заштита.
Доколку се нанесе количина крема со големина на врв од показалец, тоа е доволно за површина колку една дланка. Препораката е кремата да се нанесува повторно на секои два до три часа, а ако не е водоотпорна, и веднаш по капење. Лесното црвенило е прв знак на прекумерна изложеност на сонце, но не е потребна веднаш лекарска интервенција. Лекар треба да се побара ако се појават плускавци или посериозни изгореници.
Како дополнителна заштита, препорачлива е и облека со УВ заштита која е поефикасна од чадор. Посебно се препорачува на лица кои долго време престојуваат на отворено – во комбинација со УВ шешир. Лицето, сепак, мора секогаш да биде заштитено со крема.
Свеста за заштита од сонце, според дерматолозите, расте – сè повеќе луѓе прават превентивни дерматолошки прегледи и редовно користат заштитни креми.