Истражувањето опфатило 3.306 учесници на возраст од 45 и повеќе години, чии шеми на спиење биле забележани во 2011, 2013 и 2015 година, а потоа пет години подоцна бил извршен детален систематски преглед.
Податоците, кои биле анализирани од тим научници од Кинескиот медицински универзитет во Венџоу, покажаа дека оние кои спијат најмалку седум часа на ден, најчесто имаат значително подобро здравје подоцна во животот.
„Успешното стареење беше дефинирано во 2020 година и подразбира дека личноста на постара возраст нема хронични болести, физички ограничувања и има високи когнитивни функции, добро ментално здравје и е ангажиран во животот“, наведуваат авторите на студијата.
На крајот од истражувањето било утврдено дека само 455 луѓе може да се пофалат со сите горенаведени критериуми. Од тој број, 307 (речиси две третини) постојано спиеле седум или повеќе часа секој ден.
Учесниците биле поделени во пет групи во зависност од нивните навики за спиење во текот на четиригодишниот период од 2011 до 2015 година – долг и стабилен сон (8-9 часа), нормален стабилен (7-8 часа), намалувачки (од 8 часа на помалку. од 6), растечки (од просек од 6 на над 8) и краток стабилен сон (од 5 до 6 часа на редовна основа).
Шансите за постигнување „успешно стареење“ биле значително повисоки за оние со долг, стабилен сон и оние со нормален стабилен сон (17,1 отсто и 18,1 отсто).
Во споредба со нив, оние со намален сон имале 9,9 отсто шанси за „успешно стареење“, додека оние со растечки сон имале 10,6 отсто, а оние со краток, стабилен сон само 8,8 отсто.
„Во споредба со учесниците со нормална, стабилна должина на спиење, оние со кратка, стабилна и зголемена должина на спиење имале 36 отсто и 52 отсто помали шанси успешно да стареат“, велат кинеските истражувачи.
Тие додадоа дека учесниците со прогресивно намалување на должината на спиењето, исто така, покажале помали шанси за „успешно стареење“, но дека тоа не е статистички значајно, можеби затоа што тие го сочинувале најмалиот дел од примерокот.
Треба да се напомене дека научниците ги зеле предвид факторите како тежина, пол, консумирање алкохол, но и покрај тоа, поради самата природа на студијата, не може да се потврди директна причинско-последична врска.
Сепак, студијата несомнено нуди дополнителни докази за важноста на постојан, квалитетен сон.