Колку сонце ни треба дневно? Помалку отколку што мислиме

Некому му се доволни 10 минути, некому повеќе. Лекарите велат дека умереното изложување на сонце може да биде корисно, но предупредуваат дека премногу сонце брзо станува ризик за кожата.

Сонцето не е само пријатен дел од денот. Тоа му помага на телото да создава витамин Д, влијае врз расположението и помага во регулирање на внатрешниот биолошки часовник. Но одговорот на прашањето колку сонце ни е потребно не е ист за сите, затоа што зависи од типот на кожа, годишното време, географската положба и делот од денот кога сме надвор.

Според експертите, на многу луѓе им се доволни околу 10 до 30 минути сончева изложеност на откриена кожа за да имаат позитивен ефект, особено во однос на витамин Д. Но, тоа не е универзално правило и не треба да се сфати како точна дневна формула за секого.

Што му дава сонцето на телото

Сончевата светлина му помага на телото да произведува витамин Д, а тој е важен за коските, мускулната функција и имунолошкиот систем. Дополнително, изложеноста на дневна светлина е поврзана со подобро расположение, повисоко ниво на серотонин и подобра регулација на спиењето преку циркадниот ритам.

Токму затоа утринската или раната дневна светлина често се смета за корисна навика. Кога очите се изложени на природна светлина, мозокот добива сигнал дека е време за будност, што може да помогне и навечер телото полесно да влезе во ритам за спиење.

Нема иста мера за сите

Колку сонце ни треба дневно зависи од повеќе фактори. Потемниот тен, пониското зимско сонце, облачното време, подалечната географска ширина и различниот интензитет на УВ-зрачење значат дека пет минути надвор не се исто во Флорида и во Скопје, ниту во јули и во јануари.

Токму затоа лекарите не нудат едно магично бројче што важи за сите. Наместо тоа, пораката е дека умереното, редовно и безбедно изложување на дневна светлина е корисно, но не треба да се претерува во обид телото „да собере“ повеќе витамин Д или енергија.

Каде завршува користа, а почнува ризикот

Оној дел што често се заборава е дека истото сонце што носи корист, носи и ризик. Центрите за контрола и превенција на болести во САД предупредуваат дека прекумерната изложеност на УВ-зраци ја оштетува кожата и го зголемува ризикот од рак на кожа. УВБ-зраците се особено силни во средината на денот, приближно од 10 до 16 часот.

Затоа препораката не е едноставно „оди на сонце“, туку „оди паметно“. Тоа значи да се избегнува најсилното пладневно сонце, да се користи крем со SPF 15 или повеќе, да се бара сенка и да не се потпираме само на кремот како единствена заштита.

Што ако нема доволно сонце

Во месеци кога денот е краток и сонцето е слабо, дел од луѓето чувствуваат пад на енергија, полошо расположение или нарушен сон. Експертите наведува дека светлосната терапија може да помогне кај сезонско афективно растројство, а кога нема доволно природна светлина, витамин Д може да се внесува и преку исхрана или суплементи, но суплементите не треба да се земаат на своја рака без совет од лекар.

Ова е особено важно затоа што потребите не се исти кај сите. Кај некои луѓе, особено ако имаат потемен тен, здравствени состојби што влијаат на апсорпцијата или малку време на отворено, ризикот од пониски нивоа на витамин Д може да биде поголем.

Што значи тоа во пракса

За повеќето луѓе, пораката е прилично едноставна: не ни требаат часови на сонце за телото да има корист. Често се доволни кратки, редовни периоди на дневна светлина, особено порано во денот, со внимание на безбедноста и без непотребно изложување на силно пладневно сонце.

Ако некој се сомнева дека има недостаток на витамин Д или има специфични здравствени состојби, најразумно е да не погодува сам колку сонце му треба, туку да разговара со матичен лекар. Кај здравјето, и сонцето важи по истото правило: умереноста е повеќе од доволна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни