Цената на златото достигна рекордно ниво, поттикната од силната побарувачка за благородни метали поради глобалната економска неизвесност. Taa се искачи на 3.508,50 долари за унца рано утринава, продолжувајќи го нагорниот тренд кој оваа година бележи раст од речиси една третина, пренесува BBC News.
Благородните метали, а особено златото, се сметаат за сигурно засолниште за инвеститорите во нестабилни времиња. Цената значително порасна порано оваа година поради геополитички тензии и нарушувања во глобалната трговија. Аналитичарите посочуваат дека на растот на цената влијаат и очекувањата дека американската централна банка ќе ја намали клучната каматна стапка, што го прави златото уште поатрактивна инвестиција.
Влијание врз пазарот
Adrian Ash, директор за истражување во BullionVault, изјави за BBC дека порастот на цената на златото во изминатите месеци е директна последица на нестабилната глобална политичка и економска ситуација.
„Во суштина, изборите во САД минатата година сериозно го поттикнаа тоа“, изјави Ash.
Дополнителен фактор што ја турка цената на златото нагоре, според аналитичарите, е и загриженоста за независноста на американската централна банка – Федералните резерви (Fed). Во изминатиот период имаше јавни притисоци врз челниците на Fed и обиди за влијание врз нивната политика.
Derren Nathan од компанијата Hargreaves Lansdown смета дека обидите за поткопување на независноста на Федералните резерви предизвикале „обновен интерес за сигурни средства, вклучувајќи го и златото“.
Предупредувања од Европа
На опасностите од ваквите потези предупреди и претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Christine Lagarde. Таа вчера изјави дека влијанието врз независноста на Fed претставува „многу сериозна закана“ за глобалната економија.
Таа нагласи дека присилувањето на Fed да се прилагодува на политичката агенда би имало „многу загрижувачко“ влијание врз економската стабилност во САД, а со тоа и во остатокот од светот.
Непрекината побарувачка од Истокот
Ash објасни дека кога цената на златото нагло расте поради интерес од инвеститорите, тоа обично предизвикува намалување на купувањето од Кина и Индија – двете најголеми светски пазари за златен накит. Но, овојпат ситуацијата е поинаква.
Според него, побарувачката од Кина и Индија сè уште е присутна. Наместо да се повлечат од пазарот поради високите цени, купувачите на накит сега се свртуваат кон инвестициски златни производи, како што се златни прачки или монети, со што побарувачката останува висока.