И покрај растечките тензии на Блискиот Исток, Европа генерално не спаѓа меѓу регионите кои силно зависат од нафта и гас од Персиски Залив.
Според анализи објавени од The New York Times, зависноста значително варира по држави. На пример, Грција увезува околу 36% од енергенсите од регионот, додека Полска и Литванија се околу 30%.
Од друга страна, Северна Македонија е меѓу најмалку зависните земји, со само околу 2% удел, слично како и Естонија.
Азија е многу поранлива
Додека Европа има диверзифицирани извори, земјите во Азија се далеку позависни од регионот околу Ормуски Теснец. На врвот се Пакистан со 81%, Јапонија со 57% и Индија со околу 50% зависност од енергенси од овој регион.
Иако директната зависност е релативно ниска, Европа не е имуна на последиците. Според австрискиот весник Der Standard, евентуална криза може да предизвика глобален раст на цените на нафтата.
Тоа значи поскап транспорт, повисоки трошоци за производство и на крај – повисоки цени за потрошувачите.
Со други зборови, дури и земјите што не увезуваат многу од Персискиот Залив може да го почувствуваат ударот преку глобалниот пазар на енергенси.