Колку евра ќе нè чини новиот конфликт на Блискиот исток?: Цените на горивата растат, биткоинот паѓа

Ескалацијата на Блискиот Исток ги крева цените на нафтата и ја зголемува нестабилноста на берзите. Аналитичарите предупредуваат дека барелот може да достигне 100 долари, што ќе значи поскапо гориво, повисока инфлација и нов удар врз домашните буџети.

Нападите на САД и Израел врз Иран ја турнаа цената на нафтата нагоре. Иран е значаен производител, а се наоѓа спроти нафтено богатиот Арапски Полуостров преку Ормуски теснец, низ кој минуваат околу 20% од светските испораки на нафта – повеќе од 17 милиони барели дневно.

Според анализите, ако конфликтот остане ограничен, цената на Brent може да порасне до 80 долари по барел. Но, доколку дојде до прекин на испораките, барелот може да достигне 100 долари – сценарио што би ја зголемило глобалната инфлација за дополнителни 0,6–0,7 процентни поени.

Неколку големи нафтени компании веќе го ограничиле транспортот низ теснецот поради безбедносните ризици.

Колку тоа ќе нè чини нас?

Ако барелот порасне за 20–30 долари цената на дизелот и бензинот може да порасне за 5–10% во краток рок. Транспортот и храната ќе поскапат. Инфлацијата ќе се забрза а производствените трошоци ќе се зголемат.

Тоа значи дека едно просечно домаќинство би можело да плаќа десетици евра повеќе месечно само за гориво и основни производи.


Берзите под притисок, биткоинот паѓа

Ескалацијата веќе предизвикува „диви“ осцилации на светските пазари. Индексот на стравот VIX порасна за околу една третина, а нестабилноста на американските обврзници исто така се зголеми.

Криптовалутите не останаа имуни – Bitcoin забележа пад поради зголемената неизвесност и повлекување на инвеститорите кон побезбедни средства.

Доларот краткорочно ослабе, но ако конфликтот се продлабочи и влијае на снабдувањето со енергенси, американската валута би можела повторно да зајакне, особено затоа што САД се нето извозник на енергија.

Нафтата е најбрзиот показател на геополитички тензии. Ако Ормускиот теснец остане отворен, пазарот би можел релативно брзо да се стабилизира. Но, секој прекин или напад врз танкери може да предизвика нов скок на цените преку ноќ.

Во меѓувреме, инвеститорите, владите и граѓаните внимателно ги следат случувањата – бидејќи цената на барелот денес директно ја одредува цената на горивото утре.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни