Да, сите мораме да јадеме неколку пати на ден, но сите можеме да се согласиме дека е многу заморно да се смислуваат комбинации на оброци. Со оглед на тоа дека живееме брз начин на живот, повеќето луѓе подготвуваат оброци однапред и немаат проблем да ги јадат истите оброци за појадок, ручек или вечера ден по ден. На крајот на краиштата, тоа заштедува време во кујната и обезбедува чувство на стабилност во овој сè похаотичен свет. Но, дали е навистина во ред да се јаде иста храна секој ден? Еве што велат нутриционистите и диететичарите.
Придобивките од иста храна секој ден
Во текот на денот донесувате бројни одлуки, од тоа што да облечете, каков тренинг ќе одберете, која задача на работа ќе ја завршите прва, па идејата за избор на вечера може да биде неподнослива, вели М.Д. Моли Кимбал, диететичар од Њу Орлеанс во фитнес центарот Охснер и домаќин на подкастот FUELED Wellness + Nutrition.
Затоа однапред испланираните оброци можат да го намалат бројот на одлуки што треба да ги донесете.
„Автоматизацијата може да биде многу добра за намалување на стресот, а со тоа и да не се чувствувате преоптоварени со толку многу одлуки во текот на денот“, вели таа.
Не треба да споменуваме колку луѓе прескокнуваат оброк или јадат нешто неквалитетно по напорниот ден, само затоа што се чувствуваат изморено и без енергија да подготвуваат храна, а тоа им се случува дури и на нутриционистите.
„Секој ден морам да носам толку многу одлуки, па ако треба да се будам секој ден и да смислувам нов план за оброци, веројатно нема да јадам доволно бидејќи е многу тешко. А јас сум диететичар, тоа е моја работа“, нагласува Аби Чан, регистрирана диететичарка.
Исто така, за некои луѓе секојдневното консумирање на иста храна не е избор, туку неопходност, додава таа. Поединците можеби немаат соодветен пристап до разновидна храна и можеби ќе треба да се задоволат со ограничениот број состојки достапни во нивната маалска продавница, или нивните финансии можеби не дозволуваат преголема разновидност. Истото важи и за луѓето кои немаат време да смислуваат нови оброци секој ден, појаснува Чан.
Негативни страни од јадење иста храна секој ден
Сепак, има неколку недостатоци да се јаде иста храна секој ден. Како прво, повеќето луѓе нема да бидат емоционално задоволни со јадење на истиот однапред одреден план за оброци секој ден. Имено, една од недостатоците на автоматизацијата е тоа што не размислуваме што јадеме во одреден момент и од што ќе имаме корист.
„За што сум расположен во моментов? Што е тоа што не само ќе го нахрани моето тело, туку ќе ми го даде вкусот, текстурата што ја сакам во моментов? Кога ги автоматизираме оброците, навистина не си ги поставуваме тие прашања“, вели Чан.
Ако се присилите постојано да јадете ладна салата што секогаш ја правите за ручек и копнеете за топла, кремаста супа, нема да се чувствувате сити откако ќе заврши оброкот. Овој недостаток на емоционално задоволство е поверојатно ако следите однапред поставен план за оброци кој не е направен специјално за вас и за возврат не ги зема предвид вашите потреби и преференци во исхраната, додава таа.
Понатаму, веројатно најголемиот недостаток на јадењето иста храна е тоа што можете да ја ограничите вашата изложеност на различни хранливи материи, смета Кимбал.
„Ако продолжите да јадете иста храна, повторно и повторно ги добивате истите хранливи материи. Храната не само што има витамини и минерали, има и различни фитонутриенти, антиоксиданси и хемиски соединенија, од кои многу се уште не се ни идентификувани, а кои играат важна улога во оптималното функционирање на нашиот организам. Да речеме дека секое утро пиете смути што содржи парчиња манго, листови спанаќ, бадемово млеко, протеински прав и грчки јогурт. Напитокот ќе ви обезбеди многу хранливи материи, но без промена на состојките, нема да можете да ги внесете сите микронутриенти, дури и ако земате мултивитамини“, обајснува Кимбал.
Сепак, нутриционистот нагласува дека структурата на оброците лесно можете да ја промените со мали промени. На пример, можете да го прилагодите вашиот сендвич да вклучува сезонски состојки, додавајќи домат или цвекло наместо зелена салата, што помага да се диверзифицира вашиот внес на хранливи материи. Меѓу другото укажува и на фактот дека ако навистина ја јадете истата храна секој ден повеќе од шест месеци, можеби ќе сакате да разговарате со нутриционист за да бидете сигурни дека ги задоволувате вашите нутритивни потреби.
Како да направите мали промени во истите оброци?
Ако придржувањето кон одреден вид на храна ве прави емоционално незадоволни или сте загрижени дека не добивате доволно хранливи материи, знајте дека не мора да се збогувате со подготовката на истите оброците.
За да бидете сигурни дека можете да си дадете разновидност во оброкот за кој и ментално и физички копнеете, внесете во вашата кујна состојките потребни за да направите пет до 10 оброци, предлага Чан. Имајќи ги овие главни производи секогаш при рака, ќе можете да подготвите нутритивно избалансиран оброк без многу размислување. Потоа, еднаш или двапати месечно, пробајте сосема нов, но едноставен рецепт кој содржи неколку невообичаени состојки. Ако ви се допаѓа, направете го еден од вашите оброци и додајте го во подготовката за оброци, препорачува таа.
Исто така, можете да направите промена во рутината за подготовка на оброци со промена на некои од состојките. Ако често јадете комбинација од брокула, ориз и пилешко, обидете се да ја замените брокулата со друг сезонски зеленчук што е достапен на пазарот или локалниот маркет таа недела, додава Кимбал.
Исто така, ако редовно јадете овесна каша со боровинки, наместо тоа можете да додадете капини или банана.
Во ред е да се потпрете на неколку оброци за да се ослободите од стресот во текот на денот. Само погрижете се да најдете начин да ги задоволите вашите емоционални и физички потреби преку храна.
„Секој е различен, па затоа е важно да пронајдете нешто што добро функционира за вас, а не врз основа на исхраната или потребите на друга личност“, заклучува Чан.