Колку е опасен астероидот 2024 YR4?

Астероидот 2024 YR4 моментално е на ниво 3 на Торинската скала на опасност од удар, што значи дека бара внимание од астрономите и јавноста

Астероидот 2024 YR4 беше откриен на 27 декември 2024 година со телескопот ATLAS во Рио Хуртадо, Чиле. Набрзо по откривањето, автоматските системи за предупредување на астероиди извршиле пресметки и утврдиле дека постои мала можност овој објект да удри во Земјата на 22 декември 2032 година.

Проценките сугерираат дека астероидот има дијаметар меѓу 40 и 100 метри. Астероиди на оваа големина удираат во Земјата во просек на секои неколку илјади години и можат да предизвикаат сериозна штета на локално ниво.


Поради тоа, астероидот 2024 YR4 се најде на врвот на листата на ризични астероиди, споредуван и со DW. Од почетокот на јануари, астрономите ширум светот го следат со помош на телескопи за да ја утврдат неговата големина и орбита.

Според моменталните пресметки на неговата орбита, можно е овој небесен објект на 22 декември 2032 година да се приближи до Земјата на само околу 2000 километри.

Според податоци на Европската вселенска агенција (ESA) од 29 јануари 2025 година, веројатноста дека 2024 YR4 ќе удри во Земјата е 1,2 проценти или 1 наспроти 83. Оваа проценка е во согласност со независни пресметки на NASA Центарот за проучување на објекти блиски до Земјата (CNEOS) и системот NEODyS.

Астероидот 2024 YR4 моментално е на ниво 3 на Торинската скала на опасност од удар, што значи дека се бара внимание од астрономите и јавноста.

Торинската скала започнува со нула која е бела и значи дека нема опасност од удар во Земјата, потоа следи 1 обоен во зелено, па жолта опасност со броеви од 2 до 4, потоа портокалова од 5 до 7 и црвена од 8 до 10. Последната бројка означува сигурно уништување на цивилизацијата.

Важно е да се напомене дека проценетата веројатност за удар на астероидот често се зголемува на почетокот, а потоа брзо паѓа на нула по дополнителни набљудувања.

Што следи?

Проценките покажуваат дека астероидот 2024 YR4 најверојатно е поголем од 50 метри и има веројатност за удар поголема од 1 отсто во следните 50 години. Со тоа ги исполнува сите критериуми за активирање на две меѓународно признати групи за реакција на астероиди: Меѓународната мрежа за предупредување на астероиди (IAWN) и Советодавната група за планирање вселенски мисии (SMPAG).

Меѓународна мрежа за предупредување на астероиди (IAWN)

IAWN, која претседава со NASA, координира активности на меѓународни организации кои се занимаваат со следење и анализа на астероиди. Ако биде потребно, оваа мрежа ќе развие стратегија за помош на владите во проценката на последиците од можен удар и ќе планира мерки за ублажување на ризикот.

Орбитата на астероидот 2024 YR4 околу Сонцето е издумена (екцентрична) – потребни му се 4 години за да направи еден круг околу Сонцето. Во моментов се оддалечува од Земјата речиси праволиниски, што ја отежнува точната пресметка на неговата орбита со следење на кривината на патеката низ времето.

Во следните месеци, астероидот ќе стане се послабо видлив од Земјата. Можеби, астероидот 2024 YR4 ќе исчезне од видокруг пред да се исклучи можноста за удар во 2032 година.

Во тој случај, податоците за неговата патека ќе бидат зачувани, а астероидот ќе остане на листата на ризични објекти на ESA до неговото повторно појавување во 2028 година.

Советодавна група за планирање вселенски мисии (SMPAG)

SMPAG, која претседава со ESA, е одговорна за меѓународната размена на информации, развој на заеднички истражувања и мисии, како и планирање на стратегии за ублажување на заканите што ги претставуваат објекти блиски до Земјата, вклучувајќи го астероидот 2024 YR4.

Групата ќе одржи редовен состанок следната недела во Виена за да ги утврди следните чекори. Ако веројатноста за удар остане над праг од 1 отсто, SMPAG ќе даде препораки на Обединетите нации и може да започне проценка на можни одговори на заканата, вклучувајќи мисии со вселенски летала.

Астероиди во далечната и минатото

Во последните две децении имаше повеќе слични откритија, кои со дополнителни анализи се покажаа како сосема безопасни. Познат пример е астероидот Апофис, кој во 2029 година ќе помине поблиску до Земјата отколку што се наоѓаат сателитите во геостационарна орбита на 36.000 километри висина. Во почетокот, и за него не беше исклучено дека би можел да удри во Земјата, а проценетата веројатност за удар беше многу поголема од онаа на 2024 YR4.

Од друга страна, сосема неочекувано, на 15 февруари 2013 година, астероид со дијаметар од околу 20 метри влегол во атмосферата над рускиот град Чељабинск, предизвикувајќи спектакуларна експлозија на небото. Во тој момент, од небото паднале неколку стотини килограми метеорити. Овој астероид дошол до Земјата од приближен правец на Сонцето и токму затоа избегал од автоматските истражувања на небото.

А што ако сепак…

Ако астероидот 2024 YR4 навистина удри во Земјата, последиците ќе зависат од неговиот состав. Ако се работи за астероид во чиј состав влегуваат камења и прашина, би дошло до експлозија во атмосферата на голема висина, позната како воздушна експлозија (airblast). Таков настан би предизвикал силен ударен талас и екстремна топлина која би го погодила земјиштето, слично на експлозијата од 1908 година над реката Тунгуска во Сибир, кога повеќе од 2.000 квадратни километри шума беа изгорени и израмнети со земјата.

Ако астероидот е цврсто каменче или дури метален објект, може да создаде кратер со дијаметар до еден километар. Сличен настан се случил пред околу 50.000 години, кога астероид удрил во денешната Аризона, САД, создавајќи познатиот Бејрингеров кратер. Ударната експлозија би предизвикала уништување во радиус од околу 50 километри. Таков настан би бил по сила сличен на експлозијата на силна хидрогенска бомба, но без радиоактивно зрачење. Сепак шансите за вакво катастрофално сценарио се многу ниски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни