Колку е блиску мировниот договор за Украина?

Кремљ официјално потврди дека состаноците ќе се одржат, но предупреди дека траен мир не е можен без решавање на територијалните прашања.

Руски, украински и американски преговарачи во Абу Даби, за првпат од почетокот на руската инвазија во 2022 година седнуваат на иста маса. Разговорите во Обединетите Арапски Емирати се опишуваат како „неформални“, но според информации на Sky News, во текот на денот се очекуваат и поформални средби. Кремљ официјално потврди дека состаноците ќе се одржат, но предупреди дека траен мир не е можен без решавање на територијалните прашања.

Средбите следуваат по серија интензивни дипломатски контакти: американски изасланици, меѓу кои и Стив Виткоф и Џаред Кушнер, имаа четиричасовен состанок со Владимир Путин во Москва, додека Доналд Трамп се сретна со Володимир Зеленски на Светскиот економски форум во Давос.

Колку е навистина блиску мировен договор?

САД водат паралелни разговори со Русија, Украина и европските партнери околу различни нацрт-предлози за мир. Американскиот изасланик Виткоф изјави дека е постигнат „значителен напредок“ и дека преговорите се сведени на едно клучно прашање: територијата.

Русија инсистира Украина да отстапи околу 20 проценти од територијата на Доњецката област што сè уште не е целосно под руска контрола. Киев категорично одбива таков чекор. Доњецк, заедно со Луганск, го сочинува регионот Донбас, кој Москва го смета за клучен стратешки интерес.

Минатата година Путин наводно му соопштил на Трамп дека би се откажал од други окупирани украински територии доколку Русија добие целосна контрола врз Доњецк и Луганск.

По последната средба со Трамп, Зеленски изјави дека статусот на источна Украина сè уште не е решен, но дека мировните предлози се „речиси подготвени“.

Украинскиот претседател посочи дека сè уште чека конкретен датум за потпишување договор за американски безбедносни гаранции. Документот, како што рече, е завршен, но не е потпишан ниту објавен. За Украина, овие гаранции се неопходни за да се спречи идна руска агресија.

Дали ова веќе сме го виделе?

Допсиничката на Sky News, Сали Локвуд, оценува дека состанокот е „значаен момент“, но предупредува дека очекувањата треба да останат умерени.

Слични средби веќе се случувале:
– во ноември, во Абу Даби, се сретнаа воени претставници на трите страни;
– во мај минатата година, Украина и Русија имаа разговори во Турција кои траеја едвај два часа;
– во август, историската средба меѓу Трамп и Путин на Алјаска отвори разговори за територијални отстапки, но без конкретен исход.

Според Локвуд, брзината со која се договорени разговорите во Абу Даби може да укажува дека секоја страна веќе размислувала за компромис уште пред состанокот.

Особено значајно е и присуството на Кирило Буданов, шеф на кабинетот на Зеленски, именуван на функцијата на почетокот на јануари. Според американски извори, тој е единствениот член од украинскиот тим кого САД „навистина го сфаќаат сериозно“, што дополнително ја зголемува тежината на овие преговори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни