Колку е безбедно да шетаме деца и бебиња на магла и загаден воздух?

Квалитетот на воздухот во зима знае да биде лош со денови, поради што на чувствителните групи не им се препорачува подолг престој на отворено, особено ако имаат симптоми како отежнато дишење и иритација на грлото.

Се поставува прашањето дали е безбедно да се изнесуваат бебиња и мали деца надвор кога има магла.

Самата магла не е штетна; тоа се капки вода кои лебдат во воздухот. Но, проблемот настанува кога во маглата се заробени штетни честички од воздухот, како што се загадувањето од автомобилите, индустриските емисии и емисиите од домаќинствата кои користат фосилни горива за греење.

Овие честички можат да го влошат квалитетот на воздухот, особено во зимските денови кога температурите се пониски, а воздухот помалку се движи.

Лекарите советуваат дека кога е загаден воздухот децата да не престојуваат надвор, особено оние со здравствени проблеми.

Како лошиот квалитет на воздухот влијае на децата?

Децата, особено бебињата, се почувствителни на загадениот воздух. Нивниот респираторен систем сè уште се развива, а вдишувањето на штетни честички може да ги иритира дишните патишта, да предизвика кашлање, отежнато дишење, па дури и да предизвика напади на астма кај децата склони кон алергии.

Исто така, истражувањата покажуваат дека долготрајната изложеност на лош воздух може да влијае на општото здравје на детето.

Дали треба да ги шетаме децата во магла?

Според препораките на експертите за јавно здравје, во деновите кога квалитетот на воздухот е многу лош, најдобро е да се избегнуваат долги прошетки, особено наутро кога маглата е најгуста. Ако е можно, прошетките со бебиња и мали деца треба да се ограничат на пократки периоди или да се одложат до доцните часови, кога маглата ќе се подигне и воздухот малку ќе се расчисти.

Како да ги заштитиме децата?

Следете ги индексите за квалитетот на воздухот: Денес постојат апликации кои можат да ви кажат каков е квалитетот на воздухот во вашата близина. Ако вредностите се високи, размислете да го одложите изложувањето на такви климатски услови.

Изберете паркови и зелени површини

Ако веќе излегувате, подобро е да посетувате паркови или области подалеку од патишта, бидејќи нивоата на загадување обично се пониски во природните средини.

Избегнувајте утрински прошетки

Маглата е најгуста наутро, па за здравјето на детето е подобро да се почека доцните часови кога малку ќе се разбистри воздухот.

Разумноста и прилагодувањето на временските услови, како и почитувањето на препораките на експертите за квалитетот на воздухот, може да им помогне на родителите да ги заштитат своите најмлади и да им обезбедат безбедна и здрава средина за раст.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни