Јапонија, Кореја, Виетнам, Ирак, Авганистан, Сирија, Јемен, Либија, Југославија, Иран, Венецуела… Листата на држави во кои Соединетите Американски Држави бомбардирале или извршиле директни воени интервенции од крајот на Втората светска војна до денес брои повеќе од 20 земји – а според некои анализи и значително повеќе.
Станува збор за континуирана надворешна политика што се спроведува без разлика дали на власт се демократи или републиканци.
Според истражување на Универзитетот Браун, по нападите од 11 септември 2001 година, директното воено насилство во Ирак, Авганистан, Сирија, Јемен и Пакистан однело најмалку 940.000 животи, од кои над 432.000 биле цивили.
Индиректните последици од војните – уништени здравствени системи, економии и инфраструктура, довеле до дополнителни 3,6 до 3,8 милиони смртни случаи, со што вкупниот број жртви надминува 4,5 милиони и продолжува да расте.
Од 1945 година наваму, САД бомбардирале или извршиле инвазија врз Јапонија, Германија, Кина, Северна Кореја, Виетнам, Камбоџа, Лаос, Куба, Ирак, Авганистан, Југославија, Либија, Сирија, Јемен, Иран, Сомалија, Судан, Пакистан, Венецуела и други држави.
Американскиот историчар Вилијам Блум во своето дело Killing Hope ја опиша оваа политика како систематски модел на воена и разузнавачка интервенција со цел одржување на глобалната доминација.
Економскиот историчар Мајкл Хадсон и антропологот Дејвид Гребер тврдат дека американската воена моќ е неразделна од финансискиот систем базиран на доларот и државниот долг.
САД, иако најголем должник во светот, ја користат улогата на доларот како глобална резервна валута за да финансираат војни без реална опасност од економски колапс, механизам што Гребер го опишува како „данок маскиран како заем“.
Американската војска е и најголемиот поединечен потрошувач на фосилни горива во светот, со емисии од околу 55 милиони тони CO₂ годишно, повеќе од емисиите на над 150 држави заедно.
Според документарниот филм Earth’s Greatest Enemy, еден лет на воен авион за дополнување гориво троши повеќе гориво отколку што просечен американски возач ќе потроши за повеќе од 40 години.
Обичните граѓани ниту во земјите погодени од војните, ниту во самите САД, не се добитници. Според податоци на Федералните резерви, 10 отсто од најбогатите Американци контролираат над 67 отсто од вкупното богатство во земјата.
Профитот, според бројни анализи, завршува исклучиво во воено-индустрискиот комплекс.
