На Зимски олимписки игри Милано–Кортина 2026, покрај славата и медалот, некои спортисти можат да освојат и шестцифрени износи. Иако Меѓународен олимписки комитет не доделува директни парични награди, бројни држави и национални олимписки комитети нудат значителни бонуси за освојување медал.
Според податоци објавени од CNBC, најдарежлива држава на овие Игри е Сингапур. Земјата нуди околу 792.000 американски долари за индивидуално злато, 395.000 за сребро и 197.000 за бронза – највисока златна премија меѓу анализираните земји.
Хонг Конг следи со приближно 768.000 долари за златен медал, 384.000 за сребрен и 192.000 за бронзен, иако досега нема освоено медал на Зимските игри.
Во Европа, Полска се издвојува не само по висината на наградите, туку и по нивната разновидност. Освојувачите на злато добиваат околу 211.000 долари, автомобил „Тојота корола“, двособен стан, слика, ваучер за одмор и накит. И сребрените и бронзените медалисти добиваат комбинација од пари и материјални награди.
Домаќинот Италија нуди околу 214.000 долари за злато, 107.000 за сребро и 71.000 за бронза. Јужна Кореја исплаќа околу 208.000 долари за злато, 139.000 за сребро и 70.000 за бронза, а во некои случаи следуваат и дополнителни награди од спортски асоцијации и приватни компании.
Во САД, United States Olympic & Paralympic Committee доделува 37.500 долари за злато, 22.500 за сребро и 15.000 за бронза.
Јужна Кореја, покрај официјалните парични бонуси, често обезбедува и дополнителни награди преку спортски федерации и приватни компании, што во пракса значи дека вкупната вредност на признанието може значително да порасне.
Слава без бонуси
Интересно е што не сите зимски спортски сили нудат директни парични награди. Норвешка, најтрофејната нација во историјата на Зимските игри, не исплаќа бонуси за медалистите. Наместо тоа, спортистите можат да добијат годишна поддршка од околу 160.000 норвешки круни (околу 16.800 долари), како и пристап до професионална обука и медицински услуги.
И Обединетото Кралство не доделува парични награди за олимписки медали, туку обезбедува финансиска поддршка преку програмите на UK Sport, финансирани од Националната лотарија.
Кина, пак, нема јавно објавена унифицирана национална шема за бонуси, а наградите често зависат од провинциски власти или спонзори.
Со речиси 2.900 спортисти од повеќе од 90 земји и 116 медални настани во осум спортови, Игрите во Милано–Кортина 2026 повторно покажуваат дека олимписката слава за некои значи и финансиска пресвртница.