1.180 повредени, 161 загинат: Колку чини животот на работникот во Македонија?

Несреќи, системски пропусти и институционална негрижа како огледало на изминатите години.

Само во 2025 година, евидентирани се 242 несреќи при работа. Од нив, 12 завршиле со смртен исход, 77 со тешки телесни повреди, а 152 со телесни повреди. Оваа бројка не отскокнува од трендот, туку совршено се вклопува во сликата од последните пет години. Од 2021 до 2025 година, над 1.180 работници биле повредени на работно место, а најмалку 161 го загубиле животот. Над 200 несреќи годишно и повеќе од десет смртни случаи секоја година веќе одамна не можат да се наречат „несреќни случаи“. Тоа е системска состојба.

Во услови на ниски плати, несигурни договори и постојан страв од губење на работното место, егзистенцијалниот притисок ги турка работниците на маргините, каде што прифаќањето небезбедни услови за работа не е избор, туку нужност.

Во Македонија, работникот и понатаму плаќа со сопственото тело, а неретко и со животот, за економија што штеди таму каде што не смее: на безбедноста. Бројките не се изолирани инциденти, туку континуиран образец што со години ја потврдува истата реалност: државата системски не вложува во заштита на оние што ја носат на грб.

Најпогодени сектори и понатаму се градежништвото и земјоделството, каде физичкиот ризик е висок, а контролата ниска. Во исто време, кривичната одговорност за работодавачите речиси и да не постои. Ретки се случаите во кои некој одговара за смрт или тешка повреда на работно место. Без судска разрешница, пораката што ја испраќа државата е јасна: животот на работникот има ограничена вредност.

Правната рамка, барем на хартија, е јасна.

Законот за пензиско и инвалидско осигурување прецизно дефинира што претставува повреда при работа. Според член 39, тоа е секоја повреда настаната како резултат на непосредно и краткотрајно механичко, физичко или хемиско дејство, нагла промена на положбата на телото или ненадејно оптоварување, доколку е директно поврзана со извршувањето на работните задачи. Во оваа дефиниција спаѓаат и повредите што се случуваат на редовниот пат од домот до работното место и обратно, како и оние настанати за време на пат преземен по налог на работодавачот. Законот оди чекор понатаму и како повреда при работа го признава и заболувањето што настанало како исклучителна последица на несреќен случај или виша сила за време на вршењето на работата.

Со други зборови, законите јасно препознаваат дека работното место не е само фабричка хала или градилиште, туку цел еден процес во кој одговорноста не смее да се префрла врз поединецот. Но токму тука настанува јазот меѓу прописите и реалноста.

Законот за безбедност и здравје при работа ја става одговорноста директно кај работодавачот. Тој е должен да обезбеди безбедни и здрави услови за работа, да ги идентификува и процени професионалните ризици, да организира обуки, да обезбеди соодветна заштитна опрема и да воспостави организација на работата што нема да го загрозува здравјето и животот на вработените. Законот дури пропишува дека работодавачот мора да избира работни методи кои активно ќе го подобруваат нивото на безбедност, а не само формално ќе ги исполнуваат минималните услови.

Декларативни обврски за основни човекови права

Во пракса, овие обврски често остануваат декларативни. Според Сојузот на синдикати на Македонија, голем дел од повредите при работа никогаш не се пријавуваат. Работодавачите вршат притисок врз работниците да молчат, бидејќи пријавената повреда значи инспекција, документација и потенцијална одговорност. Работникот, пак, се наоѓа пред суров избор: да пријави и да ризикува отказ или непокачување на договорот, или да премолчи и да го загрози сопственото здравје. Во вакви услови, безбедноста и здравјето при работа се третираат како трошок, а не како инвестиција.

Законот предвидува и конкретни обврски кога ќе дојде до повреда. Работодавачот мора да обезбеди прва помош и да организира навремено згрижување на повредениот. Во случаи на смртен исход, колективна несреќа или повреда што предизвикува неспособност за работа подолга од три дена, работодавачот е должен најдоцна во рок од 48 часа писмено да го извести Државниот инспекторат за труд, како и синдикалниот претставник или претставникот на вработените. Законот дури предвидува и глоби за непочитување на оваа обврска, но тие често се симболични во споредба со последиците што ги трпат работниците.

Дополнително, работодавачите се должни да водат детална евиденција за сите повреди, професионални заболувања и смртни случаи при работа. Таа евиденција треба да содржи извештаи, наоди и техничка документација. Но и тука, контролата е слаба, а казните ретко делуваат како вистински обесхрабрувачки механизам.

Во целиот овој системски лавиринт, останува отворено и прашањето за улогата на Народниот правобранител. Оваа институција е надлежна да постапува кога се повредени правата од работен однос, особено во случаи на институционален пропуст. Повредите при работа логично спаѓаат во оваа рамка, особено кога државните органи не реагираат или реагираат селективно. Сепак, јавната и видлива интервенција на Народниот правобранител во случаи на тешки повреди и смрт при работа останува реткост, што дополнително го засилува чувството на неказнивост.

Егзистенцијален притисок и животот на маргините

Егзистенцијалниот притисок ја продлабочува оваа состојба. Кога работникот нема реална алтернатива, кога работата е единствениот начин за преживување, безбедноста престанува да биде загарантирано право и се сведува на ризик што мора да се прифати. Во такви услови, инсистирањето на „лична одговорност“ на вработениот не е решение, туку обид за префрлање на вината од системот кон поединецот.

Суровата реалност е дека безбедноста и здравјето при работа во Македонија сè уште се третираат како трошок, а не како инвестиција и основно човеково право. Додека институциите реагираат селективно, контролите се слаби, а одговорноста ретко се утврдува, статистиките нема да се намалуваат. Секоја нова несреќа, секоја нова повреда и секој изгубен живот се уште еден потсетник дека цената што ја плаќаат работниците е преголема,  а вредноста што системот им ја признава, премала.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни