Грција: Полни плажи, но и строги мерки и нови такси
Грција и оваа година останува омилена дестинација за туристите од Балканот, со полни плажи во Ситонија, Тасос, Лефкада и Крф. Сепак, покрај убавините, туристите мора да бидат повнимателни од кога било.

Од 21 јули 2025, грчката влада воведе нова такса за патниците кои пристигнуваат со крузери – 20 евра за Миконос и Санторини, и 5 евра за останатите пристаништа. Таксата се наплатува само ако туристот се симне од бродот, а не може да се плати однапред – автоматски се додава на сметката на бродот.
Покрај ова, туристите треба да внимаваат на сообраќајните правила – глобите за неносење појас, користење мобилен при возење или паркирање на место за лица со попреченост достигнуваат и до 1.000 евра. Новите „паметни камери“ поставени на повеќе патишта автоматски праќаат казни на домашна адреса.

Додадена е и нова регулатива за внесување храна – строго е забрането внесување месо, млеко, пржена храна и лесно расипливи производи. Може да се внесе ограничена количина беби храна, ориз, бисквити, вода и сокови, додека дозволената вредност не смее да надмине 300 евра. Ограничен е и бројот на цигари – во копнени премини дозволени се само 40 цигари по лице, иако во пракса цариниците не секогаш го проверуваат тоа.
И покрај овие рестрикции, Грција останува релативно поволна во однос на сместување. Апартмани може да се најдат од 350 евра за седум дена, додека луксузните вили достигнуваат до 30.000 евра. Многу семејства ја избираат токму поради балансот меѓу цена и квалитет.
Грција останува најомилената дестинација за туристи од Балканот, особено Ситонија, Тасос, Лефкада и Крф, каде апартманите се резервираат месеци однапред.

Хрватска: Скапа, но полупразна
Хрватска ова лето е сè помалку пристапна. Цените на апартманите достигнуваат и до 40.000 денари за четири ноќевања, а луксузните хотели на Хвар чинат и над 2.500 евра неделно. Приморските градови како Водице, Ровињ и Макарска се соочуваат со неочекувано мали гужви, и покрај шпицот на сезоната. Туристите се жалат на изгубеното гостопримство, преголемите цени и комерцијализацијата.
Изнајмувачите почнаа да ги намалуваат цените, а агенциите нудат last minute понуди со намалена минимална резервација – сега се бараат само три ноќевања наместо седум.

Покрај тоа, строгите царински правила за туристи од трети земји – како Македонија и Босна – вклучуваат забрани за внес на сирење, месо и млечни производи. Во летниот период се ангажира дополнителен кадар на граничните премини, но процедурата останува иста: непријавена стока се одзема, а патникот се казнува.
Сепак, Хрватска сè уште привлекува туристи со природната убавина, но се чини дека квалитетот на услуга и цените почнуваат да ја бркаат традиционалната публика кон Албанија, Црна Гора и дури Турција.
Албанија: Победник на пристапноста
Албанија останува најевтина дестинација на Јадранот. Во Драч, Саранда и Ксамил, хотелски соби со појадок се нудат за 24 до 40 евра од ноќевање. Храната е исто така поволна – цел оброк во ресторан може да чини 10 до 15 евра, а уличната храна само неколку евра. Албанија е избор број еден за млади, семејства со помал буџет, но и за оние кои сакаат нова авантура. Единстевно се високи цените за изнајмување на лежалки на плажа, каде цените одат до 50 евра за две лежалки дневно, а скоро и да нема плажи каде можеш да си поставиш чадор и сопствени лежалки.

Албанија е веќе третата најбрзо растечка туристичка локација во светот – зад Катар и Порторико. Од 3 милиони туристи во 2015, таа стигна до 10 милиони во 2023 година, а владата предвидува дури 30 милиони до 2030 година. Со такво темпо, Албанија би можела да прими повеќе туристи од Португалија или дури и Хрватска.
Сепак, растот не е без последици: се уништува крајбрежјето, се фрла градежен отпад во морето, а цените на недвижностите експлодираат, правејќи ги становите недостапни за локалното население. Но тоа не го спречува интересот – Албанија е хит.
Црна Гора: Празни плажи и незадоволни гости
Фотографии од речиси празни плажи во Црна Гора ги преплавија социјалните мрежи. Иако сезоната е започната, ова лето носи поинаква слика – повеќе лежалки од туристи, драстични поскапувања и сè повеќе разочарани гости. Цените на сместувањето, исхраната и лежалките не соодветствуваат со квалитетот што се нуди.

Црна Гора со години важеше за одлична алтернатива на Хрватска, со автентични плажи и комбинација од море и планини. Но зголемениот трошок и слабиот квалитет на услуга, во време на економска несигурност, ја ставаат во сè потешка позиција.
Црна Гора нуди широк спектар – од евтини апартмани за 30 евра од ноќ, до луксузни вили од 2.000 евра дневно. Будва и Котор остануваат најпопуларни, со мешавина од семејни и младински гости, а Херцег Нови е сè почесто избор за тивок одмор. Туристичката понуда е шаренолика, а Црна Гора добива на популарност особено поради флексибилноста и богатата природа.
Комбинацијата од скапо сместување, недоволен квалитет и пренатрупаност во одредени места ја тера публиката да бара нови опции – Албанија и Турција стануваат реална конкуренција.
Турција: All inclusive царство
Турција е најголем ривал на сите балкански дестинации кога станува збор за семејни одмори. Аранжмани за четиричлено семејство со all inclusive престој и авионски превоз може да се најдат за околу 3.000 евра. Хотелите нудат квалитетна услуга, добра храна и забава за сите генерации, а Анталија и ова лето бележи висока пополнетост. Туристите во Турција во најголем дел се разладуваат покрај хотелските базени, а поретко во морските длабочини.

Иако некои плажи и хотели бележат одлични резултати, оваа сезона носи промени и предизвици. Грција се стреми кон одржливост и ред, Хрватска се соочува со последици од скапите услуги, Албанија привлекува со ниски цени, Црна Гора балансира меѓу буџет и луксуз, а Турција останува семејниот фаворит. Во ваква слика, туристите сè повеќе истражуваат, споредуваат и избираат со пресметан пристап, свесни дека летниот одмор може да биде уживање – но и трошок кој бара паметно планирање.
 
				 
				 
								 
								 
								 
								