Колку често треба да се менува сунѓерот во кујната?

Истражувања покажуваат дека кујнските сунѓери криеат милијарди бактерии. Научниците советуваат редовно менување – еве колку често е безбедно да го менувате за да ја зачувате хигиената во кујната.

Сунѓерот во кујната е неизоставен алат во секое домаќинство, од чистење масни тенџериња до бришење садови. Но, дали некогаш сте се запрашале што всушност се крие во него?
Според резултатите од едно истражување, можеби ќе почнете да го менувате многу почесто.

Застрашувачки резултати од истражувањето

Истражување спроведено во 2017 година од микробиологот Маркус Егерт на Универзитетот Фуртванген во Германија откри застрашувачка вистина за бактериите во користените кујнски сунѓери. Во тестираните примероци биле пронајдени дури 362 различни видови микроби, а на некои места измерена е густина од 54 милијарди бактерии по квадратен сантиметар.

Студијата покажа дека пет од десетте најчести видови бактерии пронајдени на сунѓерите се поврзани со оние што можат да предизвикаат инфекции кај лица со ослабен имунитет.

Дали чистењето помага?

Посебно загрижува фактот дека според студијата на Егерт, дури ни загревање на кујнскиот сунѓер во микробранова печка или миење со врела вода и сапун не го решава проблемот. Напротив, таквите постапки можат да го поттикнат растот на одредени видови бактерии.

Сепак, професорката Џенифер Квинлан од Универзитетот Праири Вју А&М во САД смета дека загревањето во микробранова печка е привремено решение за намалување на бројот на бактерии. Таа советува сунгерот да се загрева околу една минута, додека не почне да испушта пареа.

„Постојат два едноставни начина за чистење. Можете да ги ставите во машина за садови на крајот на денот или да ги загревате во микробранова печка една минута додека не видите пареа. Тоа ќе ги убие повеќето патогени“, изјави Квинлан.

Најдобро решение

Егерт нагласува дека во неговото истражување не биле пронајдени бактерии што предизвикуваат труење со храна кај здрави лица. „Пронајдовме само потенцијално патогени бактерии, кои можат да бидат опасни за лица со слаб имунитет, постари лица или деца. За здрави лица, бактериите во кујнскиот сунгер обично не се штетни“, појасни тој.

Сепак, неговиот совет е драстичен – тој „воопшто не би користел кујнски сунѓери“. Наместо тоа, препорачува користење четка за миење садови, бидејќи на нејзината површина бактериите се полесно сушат и не се задржуваат во порите како кај сунгерот.

Од друга страна, Квинлан предлага поедноставено решение – менувајте го кујнскиот сунѓер еднаш неделно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни