Колку често ги перете фармерките? Ако одговорот е „по секое носење“, експертите велат дека тоа веројатно е непотребно па дури и штетно за ткаенината. Според нив, пореткото перење и правилната нега им помагаат на фармерките подолго да ја задржат бојата, формата и мекоста.
Еден од основните совети е фармерките секогаш да се перат свртени наопаку. На тој начин се отстрануваат насобраните бактерии, а воедно се минимизира оштетувањето и бледеењето на ткаенината.
Колку носења без перење?
Lindsey Boyd, коосновачка на брендот The Laundress, препорачува перење во ладна вода со квалитетен детергент, токму за да се зачува структурата на фармерките. Таа објаснува дека честото перење е една од главните причини зошто фармерките ја губат формата и стануваат крути.
Според неа, колку долго можете да „издржите“ меѓу две перења зависи од тоа колку често ги носите и во какви услови – дали се валкаат или впиваат мириси.
Gwen Whiting, исто така од The Laundress, потсетува дека тексасот е дебела ткаенина, за разлика од обична маица, па може да се носи повеќепати без перење. Нејзината препорака е фармерките да се перат по околу 10 носења или тогаш кога ќе се појави непријатен мирис. Меѓу перењата, мирисите може да се намалат со освежувач за облека.
Кога навистина мора да се перат?
Модната стилистка од Њујорк, Lana Blank, оди чекор подалеку и вели дека фармерките треба да се перат само кога ќе се почувствува мирис. Според неа, микробите што се насобираат по носењето, како клетки од кожа и природни масла, се безопасни и не бараат итно перење.
Од друга страна, блогерката Gladys K. Connelly препорачува перење на секои шест недели, со напомена дека секој најдобро го познава сопственото тело и треба да го прилагоди ритамот на перење на личните навики.
Златното правило: без топлина
Еден совет се повторува без исклучок: без врела вода и без сушара. Топлината сериозно го оштетува тексасот, особено еластичните фармерки. Затоа се препорачува перење во ладна вода и сушење на воздух, за да се зачува нивниот изглед и трајност.
