Појадокот кратко време по будењето може да помогне во одржување стабилно ниво на шеќер во крвта и да обезбеди доволно енергија за остатокот од денот.
Се препорачува првиот оброк да се јаде во рок од еден до два часа по станувањето, и тоа приближно во исто време секој ден, за да не се наруши внатрешниот биолошки часовник. При тоа, важно е да се обрне внимание и на составот на оброкот, кој треба да биде избалансиран.
Ран појадок за стабилен шеќер во крвта
Бројни истражувања покажуваат дека појадокот во раните утрински часови може да помогне во регулирањето на нивото на шеќер во крвта. Една од причините е што телото наутро е почувствително на инсулин – хормон кој го регулира шеќерот во крвта – па во тој период организмот поефикасно го контролира.
По ноќниот пост, резервите на енергија се намалени, а појадокот му обезбедува на телото енергија и хранливи материи потребни за почеток на денот. Тоа им помага на мозокот и мускулите подобро да функционираат и придонесува за поголема будност и подобра концентрација.
Нашиот организам има и внатрешен биолошки часовник кој им помага на органите како панкреасот, црниот дроб и мускулите да одржуваат здраво ниво на шеќер во крвта. На овој часовник влијаат светлината, сонот и времето на оброците, па нередовната исхрана може да го наруши неговото функционирање. Појадокот во исто време секое утро помага да се одржи овој ритам.
Студија во која учествувале повеќе од 7.000 луѓе покажала дека подоцнежниот појадок е поврзан со повисоко ниво на шеќер во крвта и поголема инсулинска резистенција.
Сепак, некои истражувања покажуваат дека кај одредени луѓе одложувањето на појадокот може да помогне во контролата на шеќерот во крвта. Тоа зависи од индивидуалните разлики, навиките за спиење, хормоните, генетиката и евентуалните хронични заболувања.
Што ако го прескокнувате појадокот?
Иако појадокот придонесува за здравјето, повремено прескокнување нема веднаш да му наштети на организмот. Луѓето понекогаш го прескокнуваат затоа што не се гладни или поради брзото темпо на живот.
Но редовното избегнување на појадок може да има негативни последици по здравјето. Истражувањата ја поврзуваат оваа навика со прекумерна телесна тежина, дебелина и зголемен ризик од срцеви и метаболички болести.
Една студија од 2021 година покажала дека појадувањето повеќе од три пати неделно е поврзано со помал ризик од дебелина, дијабетес тип 2, висок крвен притисок, срцеви заболувања и мозочен удар.
Како треба да изгледа избалансиран појадок
Избалансираниот појадок е клучен за одржување стабилно ниво на шеќер во крвта и обезбедување енергија во утринските часови.
Основата на оброкот треба да бидат сложени јаглехидрати богати со влакна, како интегрален леб, овесни снегулки, кафеав ориз или киноа.
Важно е да се додадат и протеини, кои придонесуваат за чувство на ситост и помагаат во контролата на шеќерот во крвта. Добри извори се јајца, грчки јогурт, сирење, производи од соја, јаткасти плодови и семки.
Количината на влакна може дополнително да се зголеми со зеленчук и овошје со понизок шеќер, како бобинки.
Оброкот може да се заокружи со здрави масти, кои исто така придонесуваат за ситост, а ги има во маслиново масло, авокадо, јаткасти плодови и семки.