Во друштва, прослави и вечерни излегувања лесно е да се изгуби чувство за тоа колку алкохол навистина внесуваме. Но, зад впечатокот дека телото „се справува“, постои многу поедноставна и построга биологија: организмот има ограничен капацитет, а црниот дроб е тој што го носи најголемиот товар.
Неврохирургот Брајан Хефлингер,објаснува дека брзината со која телото го преработува алкохолот е многу побавна отколку што мнозинството луѓе мислат. Според него, црниот дроб може да преработи околу 30 милилитри алкохол за еден час.
Тоа значи дека ако за кратко време се испијат неколку пијалаци, телото нема да може веднаш да се справи со целата количина. Ако, на пример, во кус период се внесат околу 150 милилитри алкохол, за еден час организмот ќе обработи само мал дел, а остатокот ќе продолжи да циркулира и дополнително да го оптоварува телото.
Токму тука е разликата меѓу чувството и реалноста. Човек може да мисли дека е „добро“, но тоа не значи дека алкохолот исчезнал од организмот. Напротив, телото и понатаму работи бавно и под притисок.
Во текстот се посочува и дека е важно да се препознаат моментите кога навиката преминува во проблем. Британската Национална здравствена служба издвојува неколку предупредувачки знаци: секојдневно посегнување по алкохол без многу размислување, редовно опивање и дружења што речиси секогаш се вртат околу пиење.
Како дополнителни сигнали се наведуваат и консумирање алкохол во текот на денот, нервоза кога другите во друштвото не пијат, како и редовно надминување на препорачаната неделна граница. Слични искуства, според истражувањето, споделувале и лица кои се лекувале од алкохолизам, предупредувајќи дека токму овие навики често се прв показател дека проблемот станува посериозен.
Пораката е едноставна: телото има граница, а црниот дроб не може да „стигне“ колку и да изгледа дека ноќта оди без проблем. Затоа прашањето не е само колку сме испиле, туку и колку време му даваме на организмот воопшто да се справи со тоа.