И додека во претходните години туристите претежно избираа домашни дестинации или блиски одморалишта, сè повеќе од нив сега внимателно ги споредуваат цените, бидејќи трошоците значително варираат од земја до земја.
Хрватска, која некогаш се сметаше за прифатлива, сега сè повеќе излегува од таа категорија, додека Црна Гора, Грција, Албанија и Турција се позиционираат како подостапни алтернативи. Еве ги моменталните цени за сместување во јуни на најпопуларните дестинации.
Црна Гора – од евтини станови до луксузни вили
Во Црна Гора можете да најдете сместување од 30 евра за ноќ, а најскапите опции надминуваат 2.000 евра дневно. Во Херцег Нови апартманите за две лица за седум дена почнуваат од 220 евра, додека полуксузните хотели достигнуваат и до 1.587 евра. Будва нуди најширока палета на цени – од само 180 евра за седум дена, до вртоглави 16.380 евра за престој во одморалиште со поглед на море.
Сличен е и Котор – најлуксузните згради достигнуваат до 14.000, додека становите по пристапни цени можат да се најдат за околу 200 евра.
Хрватска – луксузот доминира, достапноста сè поретка
Според сегашните податоци, хрватскиот Јадран нуди значително повеќе луксуз отколку достапни опции во јуни. Ровињ бележи цени и до 27.000 евра за седум дена во луксузните вили, додека стандардните станови ретко се наоѓаат под 250 евра. На Хвар цените за сместување се искачуваат до 40.998 евра, додека долната граница е 250 евра.
Во Макарска цените на вилите се движат од 4.000 до 5.000 евра, а поевтини станови може да се најдат од 260 до 700 евра. Јасно е дека Хрватска значително скока во однос на цените, како во јули и август, така и во јуни.
Грција – широк опсег, но сепак поповолна од Хрватска
Грција одржува рамнотежа меѓу луксузот и достапноста. Во Ситонија можете да најдете станови од 250 евра, но најскапите вили, како онаа со приватен базен, достигнуваат и до 31.500 евра за седум дена.

На Тасос, каде што понудата е поограничена, цените се движат од 240 до 4.760 евра. Лефкада нуди сместување од 172 евра, но луксузните вили достигнуваат и до 21.000 евра. Сепак, просечните цени се значително пониски во споредба со Хрватска, а изборот е поширок и пофлексибилен.
Албанија – најповолна јадранска дестинација
Албанија и натаму е позиционирана како најприфатлива опција за одмор. Драч нуди ноќевања од 24 евра со појадок, додека цените не надминуваат 120 евра во најскапите хотели. Во Валона стапките се слични, околу 26 евра од ноќевање со појадок, додека на југот од земјава, во популарните Ксамил и Саранда, хотелите со три ѕвезди чинат околу 30 евра. Достапна е и храната во рестораните, со оброци кои може да се најдат од 10 до 15 евра, додека уличната храна чини само неколку евра.
Турција – all inclusive рај за семејствата
Турција останува атрактивна опција, особено за семејствата кои бараат таканаречена сеопфатна понуда. Аранжман за четиричлено семејство, кој вклучува десет ноќевања и превоз, може да се најде за околу 3.000 евра. Иако цените благо се зголемија во споредба со претходните години, Турција сè уште нуди конкурентен сооднос цена-квалитет.
За оние кои бараат најевтина опција за одмор, Албанија и Црна Гора нудат најприфатливи сместувачки капацитети. Грција одржува рамнотежа помеѓу цената и квалитетот, додека Турција доминира во сегментот на семејни одмори со сеопфатна понуда. Хрватска, иако убава, бележи најголем пораст на цените, што доведе многумина да бараат алтернатива – често поповолна и подеднакво привлечна.
Ако планирате одмор во јуни, сè уште има слободни места, но најприфатливите сместувања брзо се распродаваат.