Кога Доналд Трамп на почетокот на 2025 година, ја актуелизираше идејата за преземање на Гренланд, многумина ја сфатија како политички театар. Сепак, новите информации дека неговиот тим разгледувал и директни финансиски исплати кон граѓаните на Гренланд укажуваат дека интересот на САД е подлабок и стратешки.
Во Вашингтон неодамна се одржа средба меѓу американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен и шефицата на дипломатијата на Гренланд, Вивиан Моцфелд. Данската страна оцени дека разговорите биле конструктивни, но предупреди дека идејата за преземање на Гренланд е „неприфатлива“.
Мала економија, голема стратешка тежина
Гренланд нема силна економија во класична смисла. Островот има околу 56.000 жители и е силно зависен од рибарството, додека значителен дел од буџетот доаѓа од годишна дотација од Данска во износ од околу 520 милиони евра. Бруто-домашниот производ се проценува на околу 3,5 до 4 милијарди долари.
Но, САД не се заинтересирани за Гренланд поради неговиот БДП. Клучните фактори се географската позиција и ресурсите под мразот.
Островот се наоѓа меѓу Северна Америка и Европа и веќе е дом на американската вселенска база Питуфик, која има клучна улога во системите за рано предупредување од ракетни напади и надзор на Арктикот. Според Трамп, контролата врз Гренланд е прашање на национална безбедност и спречување на влијанието на Русија и Кина.
Минералите како главен адут
Гренланд поседува огромни резерви на ретки и критични минерали, неопходни за модерната технологија, од електрични возила до воена опрема. Американскиот геолошки завод проценува дека островот има околу 1,5 милиони тони експлоатабилни ретки земји, додека вкупните геолошки ресурси се проценуваат на над 36 милиони тони.
Истражувањата покажуваат дека Гренланд содржи 25 од 34 минерали кои Европската комисија ги смета за критични. Иако се идентификувани десетици наоѓалишта, во моментов активно се експлоатира само едно.
Покрај тоа, постојат и значајни потенцијални резерви на нафта и природен гас, иако истражувањата се замрзнати по воведениот мораториум во 2021 година.
Колку „вреди“ Гренланд?
Проценките за вредноста на Гренланд значително варираат. Според Американскиот акционен форум, теоретската геолошка вредност на ресурсите може да надмине 4 билиони долари, но реално експлоатабилниот дел се проценува на околу 186 милијарди долари.
Други анализи даваат многу пониски бројки – од 50 милијарди долари, па сè до неколку милијарди, во зависност од методологијата. Овие разлики покажуваат дека вредноста на Гренланд не е само финансиска, туку и стратешка и политичка.
Што мислат Гренланѓаните и САД?
Идејата за приклучување кон САД нема поддршка кај населението. Анкета од јануари 2025 покажала дека 85% од жителите на Гренланд се против напуштање на Данска, додека само 6% ја поддржуваат таа опција.
Ниту американската јавност не е наклонета кон таков чекор. Само мал дел од граѓаните би поддржале агресивен пристап, а Конгресот би имал клучна улога во секоја одлука поврзана со статусот на островот.
Купување – малку веројатно, соработка – реално
Експертите сметаат дека директно „купување“ на Гренланд е малку веројатно. Многу пореален сценарио е проширена воена и економска соработка меѓу САД, Данска и Гренланд, особено во одбраната и рударскиот сектор, без промена на суверенитетот.
Од таа перспектива, вредноста на Гренланд не се мери во долари, туку во геополитичко влијание, безбедност и контрола врз идните ресурси во Арктикот.
