Колерата во Судан е толку критична што пренатрупаните болници примаат пациенти на душеци поставени на подот, додека двегодишната граѓанска војна дополнително го поттикнува ширењето на болеста, пишува „The Guardian“.
Очajни услови во камповите
Силвен Пеницо, координатор на MSF во Тавила, во северниот Дарфур, истакнува дека семејствата во камповите за раселени и бегалци често немаат друг избор освен да пијат загадена вода, што е главен причинител на колерата.
„Пред само две недели, во еден бунар во кампот беше пронајдено тело. Тоа беше отстрането, но веќе по два дена луѓето повторно беа принудени да пијат од истиот извор“, објаснува Пеницо, опишувајќи ја сериозноста на кризата.
Алармантно ширење на заразата
Епидемијата на колера во Судан првпат беше потврдена од Министерството за здравство во август 2024 година. Од тогаш се пријавени повеќе од 99.700 сомнителни случаи и над 2.470 смртни исходи. Болеста се шири неконтролирано бидејќи луѓето бегаат од конфликтите, а ситуацијата ја влошуваат обилните дождови кои ги загадуваат изворите на вода и пренатрупуваат канализационите системи.
Африканските центри за контрола и превенција на болести предупредуваат дека од мај оваа година дури 60% од глобалните случаи на колера и 93,5% од поврзаните смртни случаи се регистрирани во Африка. Покрај Судан, најтешко погодени се Демократската Република Конго и Јужен Судан.
Тимовите на MSF во Тавила минатиот месец лекуваа над 2.300 пациенти. Болницата со капацитет од 130 кревети во првата недела од август мораше да прими 400 пациенти. Во овој мал град, од април до сега, по бегство од борбите околу Ел Фашер, пристигнале околу 380.000 луѓе.
Недостаток на вода и пренатрупани болници
Додека Светската здравствена организација препорачува минимум 7,5 литри вода дневно по лице, жителите на Тавила преживуваат со просечно три литри. Од MSF предупредуваат дека недостигот на вода низ Дарфур го прави „невозможно почитувањето на основните хигиенски мерки, како миење садови и храна“.
„Здравствените центри се преполни“, вели Самија Дахаб, жителка на кампот Отaш во Јужен Дарфур. „Некои области имаат вода, други само далечни или празни кионски, а некаде водата е солена и ја пиеме не зовриена, несигурни дали е безбедна.“
„Ситуацијата е повеќе од итна“
Туна Туркмен, раководителка на мисијата на MSF во Судан, нагласува дека ситуацијата е „повеќе од итна“ и дека заразата „сега се шири далеку надвор од кампите за раселени лица, во повеќе места низ Дарфур и пошироко“. Кризата се прелива и во соседните земји – во Чад во втората недела од август се пријавени 16 смртни случаи и 288 заразени.
Туркмен упати апел за итен меѓународен одговор за обезбедување здравствена заштита, подобрување на водоснабдувањето и санитарните услови, како и започнување кампањи за вакцинација. „Преживеаните од војната не смеат да бидат оставени на смрт од болест која може да се спречи“, предупреди таа.