„Колективна културна меморија: Постмеморија“ (2024–2025)

На изложбата ќе бидат претставени дела од над дваесет уметници од Македонија, Австрија, Бугарија, Грција, Полска, Кипар, Србија, Косово, Холандија, Словенија и САД

Во Националната галерија – Мултимедијален центар Мала станица, на 12 ноември ќе се отвори изложба на дела создадени во рамките на 35. и 36. издание на меѓународната Ликовна колонија „Галичник“. 

Биеналниот проект е насловен „Колективна културна меморија: Постмеморија“ и е кураторски концепт на д-р Ана Франговска, претседателка на колонијата. Соработник на биеналната изложба со елабориран есеј е д-р Натали Рајчиновска Павлеска.

Колонијата „Галичник“, со речиси четири децениска традиција, претставува уникатен модел што ги поврзува современата уметност, традицијата и локалното наследство. Преку темите „Колективна култура на сеќавање“ и „Постмеморија – Ехо на тишината“, уметниците од Македонија и од странство истражуваат како личните и колективните мемории, трауми и премолчени приказни продолжуваат да живеат низ уметничките практики.

На изложбата ќе бидат претставени дела од над дваесет уметници од Македонија, Австрија, Бугарија, Грција, Полска, Кипар, Србија, Косово, Холандија, Словенија и САД, реализирани во различни медиуми – слика, видео, објект, фотографија, текст и инсталација. Автори: Елиа Калогјани, Стефан Корнацки, Лучезар Бојаџиев, Кристине Ледерер, Дарко Алексовски, Ана В’чкова, Красимир Терзиев, Марија Анвандер, Клара Вит, Калина Димитрова, Иванчо Талевски, Марина Касианиду, Софија Димова, Никола Радосављевиќ, Дејан Крстиќ, Ивана Хостник, Клелија Живковиќ, Ренеа Беголи, Ил Џафери, Лука Судант и Данаи Белосиноф.  

Со овој проект, колонијата „Галичник“ уште еднаш ја потврдува својата улога како лабораторија на културна меморија, критичко мислење и меѓународна соработка, создавајќи дијалог меѓу минатото и сегашноста, тишината и гласот, личното и колективното.

Изложбата се рализира со помош на Министерството за култура, дипломатски претставници и странски културни центри, и други поддржувачи од приватниот сектор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни