Групата млади музичари и ентузијасти, собрани во колективот Гола Планина, наметнуваат авторска музика на алтернативната музичка сцена. Скромно зборуваат за своите почетоци и мисијата околу која делуваат, но затоа очекувањата и идните планови им се големи. Во моментот во овој колектив се Луфтанза, ХАЈКА, Cut your nipple, corrosion. , Basement cult, Dimish, Zanadu, KEM, Peach Vice, Vagina Corporation, Стој После! , Дивоградба, Харакири, Zulu 3.4, Conspiracy и ATA, артисти и бендови кои настојуваат да бидат дел од скопската субкултура. Ако ги посетите на некоја од нивните проби не може да не забележите полна енергија, посветеност кон музиката и бескрајно удирање по жиците и тапаните.
Преку овие млади музичари имате чувство како градот да живее во авангарда, како тие да создаваат поинаков музички свет за кој сонувале уште како деца. И практично нивниот сон сега започнале да го живеат, или да го свират. Постојано нагласуваат дека се отворени за соработка и дека може секој да им се приклучи. Организирање фестивал и издавање албуми и компилации се запишани во нивната тетратка со обврски.
Гола планина беа организатори на настанот на платото пред Младинскиот културен центар, во јануари, кога низ музички настапи изразија револт кон политиките на Град Скопје кој драстично го намали буџетот на центарот. Тогаш младата алтернативна публика имаше можност да се запознае со дел од артистите и бендовите чии музички провокации имаат сериозна шанса да станат секојдневие кај авангардните млади.