Колекцијата на солидарноста на МСУ се сели од Виена во Прага

Изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје”/„No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“, која девет месеци беше отворена во еден од најголемите европски културни центри – Кунстхале во Виена со дела од уникатната колекција на Музејот на современата уметност – Скопје на 21 март ќе биде отворена во Националната галерија во Прага.

Од вкупната уметничката колекција на МСУ што брои повеќе од 5.300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. Конципирана на идентичен начин, изложбата ќе биде пренесена во чешката Национална галерија и ќе бидат додадени уште 54 дела од колекцијата на нашиот музеј.

Ова претставување првично е резултат на соработката помеѓу МСУ – Скопје и Кунстхале Виена. Кураторскиот тим What, How & for Whom, кои го креираа концептот на поставката го сочинуваат: Сабина Саболовиќ (директорка на Кунстхале Виена), Наташа Илиќ и Ивет Ќурлин. Во Виена, поставката составена од дела кои светски познатите уметници ги подарија на нашиот Музеј во знак на солидарност по катастрофалниот земјотрес во 1963 година ја видоа повеќе од 75 000 илјади посетители.

Кураторките поканија 4 меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа, овозможувајќи повторно интерпретирање на збирката.
На уметниците Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул), за поставката во Прага се приклучуваат и уметниците Џеспер Алваер и Изабела Гросеова (Прага), кои исто така ќе направат избор на дела од колекцијата на МСУ и ќе ги постават во корелација со нивните авторски дела.

Покрај нив, соработници на проектот се и фотографката Елфи Семотан (Виена) која направи фотографии од урбаниот пејзаж на Скопје и МСУ и писателката Барби Марковиќ (Виена) која работи на поврзување на фикцијата и социјалната реалност, и која напиша патопис за нејзиното искуство со соочувањето со историските контексти на Скопје.

Изложбата во Прага ќе биде отворена до 29 септември годинава. Оваа изложба претставува еден од најсложените меѓународни проекти на МСУ – Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни