Како што известува The Guardian, сеопфатна историска анализа на 5.000 години човечка историја и падот на повеќе од 400 општества укажува дека сме на раб на катастрофа.
„Не можеме да ставиме точен датум на Судниот ден, но ако ја погледнеме историјата на цивилизациите низ 5.000 години, можеме да ги препознаеме насоките кон кои се движиме — а само-уништувањето е најверојатната,“ вели д-р Лук Кемп, истражувач при Центарот за проучување на егзистенцијален ризик на Универзитетот во Кембриџ.
„Сум песимист за иднината,“ додава тој, „но сум оптимист за луѓето.“
Кемп предупредува на порастот на нарцисоидни и психопатски лидери — моќна но мала „олигархија“ што дејствува против интересите на мнозинството, игнорирајќи егзистенцијални закани како климатските промени, нуклеарното оружје и вештачката интелигенција.
Научниците одамна предупредуваат дека зголемените глобални температури предизвикани од човекови активности може да доведат до глад, неподнослива жештина, суши — и општа нестабилност.
Во својата анализа, Кемп се повикува на историјата за да покаже како моќните империјални сили — што ги нарекува „Голијати“ — на крај паѓаат под сопствената тежина, најчесто поради нееднаквост и алчност.
„Историјата најдобро се објаснува како приказна за организиран криминал,“ вели тој. „Една група создава монопол врз ресурси преку насилство и контрола на територија и население.“
Но, ваквите групи не траат засекогаш. Како што елитите извлекуваат сè повеќе ресурси од народот и природата, општествата стануваат сè покревки — се јавува корупција, внатрешни конфликти, уништување на животната средина, лоши одлуки и беда кај народот. А кога ќе настапи криза — војна, болест или климатски шок — општеството се распаѓа.
„Еден глобален Голијат“
Кемп тврди дека денес живееме во време на „еден глобален Голијат“ — поврзана мрежа на капиталистички системи, кои исто така се подложни на колапс.
Потенцијални катализатори се распаѓањето на прехранбените системи, заканата од нуклеарна војна и продлабочувањето на климатската криза.
Кемп остро ги критикува водечките фигури кои, според него, ја забрзуваат катастрофата:
„Трите најмоќни луѓе на светот се живи примери на темната тријада: Трамп е нарцисоидна лично по дефиниција, Путин е студен психопат, а Си Џинпинг дојде на власт како мајстор на макијавелизам,“ вели тој.
Што можеме да направиме?
Според Кемп, излезот е во создавање вистински демократски општества и праведна прераспределба на моќта и богатството — нешто што, како што вели, не е невозможно.
„Луѓето денес полесно си замислуваат дека можеме да создадеме вештачка интелигенција на силициум, отколку што можеме да воспоставиме демократија во голем обем,“ вели тој. „Тоа е апсолутна глупост.“
„Ние сме длабоко социјален, алтруистички и демократски вид. Имаме вродена интуиција против доминација,“ додава Кемп. „Токму за ова сме создадени.“
Извор: Futurism