Обилните снежни врнежи во Полска во текот на ноќта предизвикаа сериозни проблеми во сообраќајот, при што се формираа колони долги и до 20 километри на автопатот меѓу главниот град Варшава и балтичкиот пристанишен град Гдањск, соопшти денеска полската полиција.
Иако поради лошите временски услови стотици луѓе беа заглавени во своите возила во ледени услови, според податоците на полицијата, во раните утрински часови сообраќајот повторно беше воспоставен.
„Тешката ситуација започна вчера по 16 часот, кога првите камиони на трасата S7 почнаа да имаат проблеми поради нагибите на патот“, изјави Томаш Марковски, портпарол на полицијата во северниот град Олштин.
Нема повредени
Заменик-министерот за инфраструктура Станислав Буковјец на прес-конференција изјави дека нема повредени лица, и покрај сериозноста на ситуацијата и временските услови.
