Колапс на индустријата за рециклирање пластика

Европската индустрија за рециклирање пластика пропаѓа – фабрики се затвораат, а евтината азиска пластика го турка секторот кон колапс.

Индустријата за рециклирање пластика низ Европа и Велика Британија е во длабока криза – фабрики се затвораат една по една, а пазарот е преплавен со евтина азиска пластика, пишува BBC News.

Британската компанија за управување со отпад Biffa во февруари го затвори својот погон во Сандерленд, иако бил отворен пред само три години, со инвестиција од 7 милиони фунти. Конкурентот Viridor претходно ги затвори своите фабрики во Авонмаут, Скелмерсдејл и Рочестер, додека европските гиганти Veolia, Borealis, Dow и Nester ги напуштија плановите за нови погони.

Според податоците на здружението Plastic Recyclers Europe, континентот изгубил речиси еден милион тони годишен капацитет за рециклирање од 2023 година.

„Без итна политичка акција, Европа ќе ја замени сопствената индустрија со зависност од увоз и растечка количина отпад, што ќе ја ослабне економската и климатската отпорност“, предупредуваат од организацијата.

Азиската пластика е поевтина

Џејмс Меклери, директор во Biffa, вели дека ова може да биде само почеток на пропаѓањето. Високите трошоци за енергија и труд, заедно со поевтината нова и рециклирана пластика од Азија, ја туркаат европската индустрија кон работ на опстанок.

Слични проблеми се појавуваат и во САД, каде ниската цена на „девствената“ пластика го спречува исполнувањето на националните цели за рециклирање.

Британија и понатаму извезува пластичен отпад

Според анализата на ENDS Report, Велика Британија минатата година извезла околу 600.000 тони пластичен отпад, пет проценти повеќе отколку претходната година.
Поради законски празнини, поисплатливо е да се извезува отпадот отколку да се преработува во земјата, а производителите често избираат нова увозна пластика иако плаќаат казни за тоа.

„Кружната економија треба да биде добивка за сите, но системот едноставно не функционира“, вели Ахмед Дета, директор на компанијата Enviroo од Лондон. „Брендовите не соработуваат — им е поевтино да платат казна отколку да користат рециклирана пластика.“

Независното тело RECOUP предупредува дека британската индустрија за рециклирање практично исчезнува.
„Ако не се преземат итни мерки, ќе го изгубиме рециклирањето пластика какво што го познаваме,“ вели Стив Морган од RECOUP.

Организацијата бара воведување единствен систем за сертификација на рециклирана пластика, што би го ограничило извозот на отпад и би го поттикнало домашното рециклирање.

Владата најавува реформи

Британското Министерство за животна средина (DEFRA) најави реформи и инвестиции од 10 милијарди фунти во постројки за селекција и обработка на пластика, како и систем за враќање амбалажа (Deposit Return Scheme) што ќе започне во октомври 2027 година.

„Нашите реформи ќе го поддржат домашното рециклирање и ќе ја намалат зависноста од извоз на отпад,“ соопштија од DEFRA.

Европа ја губи трката

Во Брисел, Вирџинија Јансенс, директорка на здружението Plastics Europe, предупредува дека индустријата би можела целосно да се пресели надвор од Европа.
„Ако погони вредни милијарди се изградат на други континенти, никој нема да ги врати назад. Тоа би нè вратило 20 години наназад — на согорување и депонии,“ вели Јансенс.

Сепак, има и позитивни вести. Biffa неодамна го презеде производителот на шишиња Esterform, кој користи рециклиран ПЕТ, а Enviroo обезбеди 58 милиони фунти за изградба на нов погон што ќе преработува 35.000 тони пластични шишиња годишно.

Лондонската компанија Plastic Energy веќе претвора пластичен отпад во пиrolизно масло, кое се користи за производство на пластика за храна и медицина.
Директорот Ијан Темпертон верува дека побарувачката за рециклирана пластика ќе расте, бидејќи европските регулативи бараат до 2040 година секое шише да содржи најмалку 65% рециклиран материјал.

„Пазарот наскоро ќе влезе во сериозен недостиг, затоа мораме да ја развиваме технологијата сега,“ нагласува Темпертон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни